„Вие само умрете, останатото препуштете ни го нам“

Политичарот и неговата тврдина

Што да пише човек во рубрика за култура во моментов, а да не звучи лигаво или само формално ангажирано? Посегнувам во третиот ред одозгора во домашната библиотека, по некој кој поминал низ „скудни времиња" и од нив извлекол мудрост. Мирко Ковач за политичката тврдина и дрзниците коишто ја запоседнуваат.

Писателот е човек, интелектуалец, кој се занимава со зборови, сеедно дали пишува романи, песни, филозофски расправи, драми, историографски интерпретации. Но и тоа не е доволно ако неговото бавење со зборови му служи само на неговото занимање. Тука мислам на писател чија должност е да се врти и против себе, и да се сомнева во сè што е очигледно, а во своите критички расположенија да внесува личен ризик и човечка одговорност. Тој е оној кој предупредува дека работите не се онакви какви што се, туку поинакви. Тие не се ни поинакви, туку невозможни. И на крај, не се невозможни, туку и не постојат!

Политичарот одговара за политичката тврдина само затоа што таа му одговара таква каква што е. Во неа сите работи се на своето место, удобни и уредени за неговиот престој. Тука тој се чувствува добро, тука фино си минува со своите пријатели и со истомислениците. Тој не гледа потреба сето тоа да се преиспитува, а камоли да се доведува во прашање, па оттаму е и шокиран кога писателот ќе му укаже дека работите имаат две лица или дека тие се безлични. Тогаш писателот за него е „вжештена глава", човек кој „лебди во облаци", а уште ако не се откажува од своето душкање и превртување по политички уредениот декор, тогаш е и криминалец. Па ако и тоа го преживее, го прогласуваат и за душевно болен, и не му гине лудачка кошула.

Во политичката тврдина интелектуалецот е секогаш завереник. Него навистина го раздразнува политичкиот дрзник опкружен со легенди и митови што ги уредил за самиот себе. Тој дрзник веќе и не ги проверува старите идеи, тој само бездушно ги присвојува и живее од нив. Тој ги проверува само оние кои тие идеи ги доведуваат во прашање. Во интелектуалецот гледа непрактична будала, како што интелектуалецот во него гледа неморален човек. Овие две крајности се огледални. Тие се помагаат и се привлекуваат, за меѓусебно да се уништат.

Ако писателот ја употреби својата уметност за да се пресмета со политичар, тој кон уметноста чини непростлива грешка. Вистина е дека добива на важност и стекнува симпатии на публиката желна за отпор, станува омилен затоа што ги начнал недопирливите личности и митови, но веќе никој не зборува за неговата уметност, а неговите метафори и грубиот стил никому не му пречат. Штом тој својата уметност ја ставил во служба на пресметка, тој ја направил истата грешка како и политичкиот или партискиот писател-пропагандист кој исто така се пресметува. Тоа се два исти типови на писатели, да ги наречеме лажни.

Кога еднаш на еден таков писател, своевремено осудуван, му реков дека ми се чини дека ја злоупотребува уметноста и дека оди на рака на бирократијата, тој луто ми одговори:

- Не е време за уметност!

А подоцна бев во прилика да му приговорам на писател-пропагандист, талентиран поет, дека залудно го троши својот дар, а својата уметност ја претвора во пцост; исто така ми одговори погано:

- Еби уметност, еби финотија сега кога десницата ја крева главата!

Обата одговори се подеднакво бесмислени. Зад нив се крие духовна тапост.

Не би сакал да излезе дека застапувам молчење на писателот. Никако! Мислам дека е нужност тој да го употреби својот збор кога тоа ќе му го наложи совеста, својата острица и ум да ги користи во одбрана на достоинството и слободата, на кои власта немилосрдно се нафрла. А во репресивните системи тоа е богами секојдневна грижа. Верувам дека ниту еден писател не може да каже: абе пушти, баш ми е гајле што ми се случува во тврдината, јас живеам во свој свет, јас ги пишувам своите книги - не може од едноставна причина што кога-тогаш и самиот ќе биде погоден од последиците токму на таквиот свој став. Само во тој спор писателот нека не се служи со песна или со расказ, туку со жанр кој постои за тоа, памфлет, затоа што власта и така неговата песна или расказ ќе го наречат памфлет. Не вреди уметноста да се вулгаризира заради некој политичар.

Вистинскиот писател го носи сопственото бреме, се бори со внатрешните демони, ги застапува сопствените убедувања кои со самото тоа се и спротивни од политичките програми. Тој не се конфронтира затоа што напишал песна или расказ или роман за некоја личност или за владеачки мит, тој со својот интелект и дух неминовно доаѓа во конфликт, речиси по природен пат и без евтин скандал. Порадо ја напаѓа Врховната идеја, отколку некое споредно политичко лице, без оглед колку тоа е отелотворување на таа идеја. Затоа што вистинскиот писател поставува вечни прашања за смислата, правдата, љубовта, моралот, верата, методот итн., а ја исклучува омразата на којашто лажниот писател се фаќа, без оглед на која страна е тој. Вистинскиот писател не дозволува да го претворат во политички монструм, тој знае дека писателот не може да се става во служба на Монструмот, затоа што со влез во тој механизам ги губи своите човечки својства. Исто така е свесен дека во политичката тврдина се произведуваат еретици и дисиденти, затоа што тие се сол без која политиката би била блуткава.

Лажниот писател се познава и по тоа што го зборува и она што вистинскиот писател знае и да го премолчи. Лажниот писател станува незаслужено славен и тоа секако му годи, додека вистинскиот писател е воздржан и останува во духовната сфера. Па и кога ќе стигне на списокот на славни, го чувствува тоа како товар. Вистинскиот писател и во најтешките искушенија го штити неговата уметност. Тој со својата чистота и со силата на својот авторитет, како и со делото кое е вистинито, ја потресува политичката тврдина. Тој за бирократите е сериозен противник, бидејќи ништо не прави од користољубие, туку од убедување. А за бирократите убедувањата се смртоносни.

Како што знаете, и во тоталитарна држава писателите живеат, објавуваат своја поезија или филозофија; мислат, страдаат и сакаат како и во слободниот свет. Тие се дел од народот кој се прилагодува на секакви услови. Секако, писателите и таму живеат различно. Но мислам дека најголема несреќа е кога нивните сопствени зборови им се кршат од глава. А тоа по правило се случува кога пишуваат фалби за политичките водачи, кога ја слават и ја величаат нивната моќ. Би можеле да кажеме дека тоа се оние писатели кои се со власта и дека нивните убедувања произлегуваат од дадените околности. Власта кон нив се однесува кога-како, затоа што не ги цени оние кои ѝ ги лижат јајцата, бидејќи власта опстанува на непријателот кој ѝ дава сила и ја јакне многу подобро отколку поданиците. Добриот непријател е обединител на сите екстреми кои ги содржи власта.

На писателите кои ѝ служат на власта умерените гледаат со презир, а самата власт со недоверба, затоа што точно знае дека тие, кога ќе се разочараат, ќе станат нејзини огорчени противници. И навистина многу често, отпадниците стануваат лута и непомирлива опозиција. Таа судбина ја делат голем број писатели, бивши наемници, но уште постојат различни начини на нивна пропаст. Голем број доживеале сопствена морална ерозија, особено кога историјата ги разоткри нивните водачи како имбецили и убијци, така што единствено им преостанало самоубиство. А голем број од нив ги има прегазено Слонот на Историјата, како што вели Чеслав Милош. Постојат и такви писатели кои останале идеолошки доследни. Нив праксата не ги отрезнила. Секое нивно повикување на идеолошка доследност не е ништо друго туку оправдување на злото! Во изменетата судбина на нивните движења тие се анахронизми. А можно е веќе денес да се жртви во идеолошките урнатини!

Политичката тврдина мора да живее со свои противречности, но ако во неа нема отпор тогаш власта ќе загосподари не само со животот на организациите, туку и со животот на секој поединец. Крутата дистанца од сè што преставува режимот е неповолна и доведува до сиромаштија на идеи, а во сиромаштија на идеи е полесно да се владее. Па што е тука обврска на писателот (интелектуалецот)? Не мислам дека тој тука има некои посебни задолженија, но ми се чини дека може да покаже критички дух кон оние облици на општествен живот кои закржлавуваат и се закануваат со репресија. Може да крши разни табуа и и митови кои ја опкружуваат власта, ако не во сите области од животот, а тогаш барем во оние кои веќе сега се трансформираат и се измолкнуваат вон контрола. Може на различни на чини, со фини средства, со одмерени и точни проценки, без врева и пенавење, да влијае на јавноста, на преиспитување на голем број политички одлуки, да поттикнува на „будност" во една духовна смисла, будност и внимателност да не се нуди рог за свеќа, лагата да не се претставува како вистина и вистината да не се прогласува за недостижна, и за вербална траума на интелектуалците. Но, во глувонемата култура на тврдината не се слуша ниту еден глас освен оној официјалниот! А тоа е заканувачки глас!

Зарем не ви се чини дека мотото на политичката тврдина би можел да биде оној рекламен хит на едно погребно претпријатие: „Вие само умрете, а останатото препуштете ни го нам"? Погребниците во тоталитарната држава те опустошуваат уште додека си жив, и ти си само мртовец за кого тие живеат, или слепец за којшто тие гледаат. Но твоето човечко мото би требало да биде: „Светот ќе го гледам со свои очи, и неговите добра, и неговите зла. И нема да се предадам, ниту мртов!"

Мирко Ковач, „Писателот и политичката тврдина"
од книгата „Европскaта трулост", Просвета, Белград, 1986

11 мај 2015 - 07:41