„Визуелна интелигенција: изострете ја вашата перцепција, сменете си го животот", која излезе на почетокот на месецов, е нешто помеѓу прирачник и психолошко истражување на перцепцијата, која според авторката може да се развива (и) преку анализа на уметнички дела.
„Според вообичаеното сфаќање уметноста е нешто вон реалниот живот. Но проучувањето на визуелната уметност може да ја прошири нашата перцепција, и нашата способност да им пренесеме на другите што гледаме. Овие вештини можат да спасат животи", вели авторката во ова петминутното ТЕД-ед видео.
Цртежите и гласот со којшто објаснува се малку детски, но поентата е таа - дека тренирањето на визуелната перцепција може да биде клучна во забележувањето контрадикторности и некакви „скриени" пораки, без оглед дали се работи за слика на Маргит, ренгентска снимка или место на коешто се случило злосторство.
Една од активностите на Херман е да ги носи њујоршките полицајци во музејот Метрополитен, и таму да разговара со нив за она што го гледаат на сликите. Еве какви биле, на пример, нивните коментари на сликата на Роза Бонер, „Панаѓур на коњите"
Полицаец бр. 1: Забележав дека сите бели коњи имаат врзани опашки. А на оние кафеавите им се пуштени.
Полицаец бр. 2: Мажот на црниот коњ изгледа како да сака да го удри со камшик.
Херман: Ако сте внатре во сликата, на што би мирисало?
Полицаец бр. 1: На коњски лепешки.
Целта на Херман е да ги извади овие луѓе од нивните секојдневни контексти и да се обиде да им го смени начинот на којшто гледаат, размислуваат или опишуваат некаков настан или податок од нивната работа, придавајќи им поголема тежина на зборовите. Истото важи и за медицинскиот персонал, кој доколку во стилот на доктор Хаус забележи некој важен детал кој сите останати доктори го имаат испуштено, може да ја реши судбината на пациентот.
Секако, за развивање на визуелната перцепција и артикулацијата не мора да се оди во музеи и галерии. Херман препорачува вежби во кои некому ќе се обидете детално да му опишете некое место каде што тој не бил, или некој настан на којшто не присуствувал, па макар тоа било и нешто банално. Така се развива вештината на сведочење и на раскажување, односно на тој начин се прави спрега меѓу визуелната перцепција и способноста за преточување на она што се гледа во она што се кажува. Како кога скршена нога во наш полициски билтен е опишана со: „тешка телесна повреда во пределот на долниот екстремитет".