Хозе Кортес има 67 години и повеќе од половина од својот живот одгледува зелени зрна ванила (плодовите кои се користат за добивање на овој зачин), продолжувајќи ја семејната традиција. На својот имот во Веракруз во западно Мексико, џунгла и во буквална и во преносна смисла на корупција и небезбедност, тој се грижи за над 10.000 садници од растение кое ја дава најдобрата ванила на светот и се смета за нејзино „родно место“.
Но покрај нормалните предизвици на земјоделската работа, одгледувањето ванила тука подразбира дополнителен стрес. Кортез кога доаѓа на имотот со себе носи мачета, брка јагуари, пуми и којоти, како и птица по име чачалака, која го уништува приносот. Но најголемиот штетник сепак е - криминалот.
Крадците на ванила се позната работа, но никој не ги гони. Властите не се заинтересирани за нив, ниту пак за кампања за поттикнување на индустријата на производство на ванила, на начин на кој неодамна е поддржано производството на авокадо или малини. Тоа значи дека ванилопроизводителите се препуштени самите на себе. Освен мачета, тие секогаш со себе носат и пушка.
Со векови, домородното население од овие краишта ја користело ванилата за лекови и парфеми, како и за свети ритуали. Ацтеките ја ставале во чоколадо и носеле амајлии направени од ароматичните цветови како ѓердани.
Комерцијалниот пазар за ванила бил воспоставен во 17 век - зачинот станал сензација во Шпанија каде бил пренесен од освојувачите на Мексико. И тогаш а и сега процесот на одгледување и производство е комплициран. Токму затоа, денес помалку од 1% од светската ванила доаѓа од цветови слични на оние одгледувани од Кортез (кои на пролет цветаат само на еден ден), а 99% се резултат на вештачки процес кој се применува од 19 век и дава ванила со инфериорен квалитет. Ова значи и дека Мексико денес е далеку на листата на најголеми производители - во 1930-тите тука се произведувала речиси половина од светската ванила, а неодамна земјата е на 35-тото место, далеку под Мадагаскар кој е на првото.
Една од причините е токму спомнатиот организиран криминал, кој ги вклучува кражбата и трговијата со лимети, авокада и ванила. Како мерка против ваквата појава локален политичар сугерирал создавање регистар на производители кои на овој начин би можеле да го докажат легалното потекло на својата ванила. Слично е направено на Мадагаскар, каде е направено „брендирање“ на поединечните фарми при што секоја од нив си добила посебен број што овозможува следење на приносот.
Додека ова не се случи, фармерите како Кортез ќе продолжат самите да се грижат за својот скапоцен плод. Со мачетата и пушката до нив.