
Во последните години филмската индустрија сè почесто им дава главни улоги на актери од „пензионерска возраст“. Додека порано платното беше преполно со млади или барем младолики јунаци, денес таму се појавуваат и лица со животно искуство, со брчки и автентична харизма. Но, и покрај оваа промена, улогите на постарите често се сведуваат на три стереотипи – „борбени“, „немоќни“ или „злобни“.
Некогаш старите ликови се прикажуваат како снаодливи истражувачи или борци против неправда; другпат како луѓе кои се соочуваат со деменција и зависат од туѓа грижа; а понекогаш се демонизирани како егоцентрични или насилни. Авторката на текст на оваа тема во Гардијан, која и самата има над 70 години, вели дека не се препознава во овие шаблони и посочува колку е важно да постојат реални и разновидни модели на стареење на екранот.
Иако Холивуд одамна ја тргна настрана зрелата возраст, денес бројот на постари луѓе во општеството расте, па и публиката бара автентична приказна. Од класичните примери како Бејла Бонди во „Направи место за утре“, преку култните фигури како Глорија Свансон во „Булевар на самракот“, па сè до современи ѕвезди како Хелен Мирен, Џон Литгоу или Ф. Мареј Абрахам (па и до неодамна Роберт Редфорд), филмовите сведочат дека староста не е крај, туку нова фаза за раскажување приказни.
Иако често се користат хорор метафори кои ги прикажуваат старите како закана (како во шпанскиот „Возрасните“ или германскиот „Старите луѓе“), сепак постојат и филмови што нудат топла, но неидеализирана перспектива – на пример „Големото бегство“ со Мајкл Кејн и Гленда Џексон. Во меѓувреме, ветерани како Морган Фримен, Иан Мекелен или Семјуел Л. Џексон и понатаму играат сложени улоги, докажувајќи дека зрелоста не значи повлекување, туку континуитет на креативноста. Бројот на „златни години“ на платното ќе расте – не само поради демографијата, туку и затоа што самите режисери и сценаристи стареат заедно со својата публика.