Подемот и падот на „проверката на факти“

Минатата недела, извршниот директор на Мета, Закерберг, објави серија промени во политиката на Фејсбук и Инстаграм кои значително ќе го намалат нивото на модерација на содржини на овие платформи. Неговите мотивации се во најмала рака сомнителни и резултат на политички притисоци и бизнис интереси. Но настрана ова - зошто „проверувачите на факти“ би требало да се дел од посебен, хиерархиски надреден „комитет“, кога тоа би требало да го подразбира новинарската професија?

Идејата за „проверка на факти“ на интернет стана „ин“ некаде во 2016 и тогашната кампања на Трамп, кога беше популаризиран терминот „лажни вести“ (како па сите вести претходно да беа нелажни). Во првата година на неговиот мандат, бројот на Гугл пребарувања за терминот „проверка на факти“ беше четири пати повисок во споредба со 2013. 

Но тука како да станува збор за феноменот на „ако нема име, тогаш како да не постои“. Гравитацијата секако постоела и пред Њутн да ја опише и oзначи со тој назив во своите „Математички принципи“. Идејата за проверка на она што се објавува никогаш не било посебно „одделение“ на новинарството, туку суштински елемент на работата на секој новинар, па оттаму за него и не било потребно име. Фактите отсекогаш требало да бидат на место, а стилот на поединечниот репортер бил сосема друга работа. 

Професионални „факт чекери“ навистина постоеле, но терминот имал поинаква конотација од денешната. Такви асистенти главно се ангажирани на проверка на делови од објави во книги, филмови и други дела кои би можеле да бидат правно или политички сензитивни. И ова секако е дел од уредничкиот процес ПРЕД нештото да биде објавено, а не потоа, кога проверувачот на факти делува како некој вид новинарски висок свештеник или арбитер. 

Бидејќи организации како FactCheck.org на почетокот се фокусираа на претседателски изборни кампањи, тоа за нив беше сезонска работа која потенцијално можеше да им биде од помош на новинарите што ја покриваа оваа тема. Ваквиот вид организации по изборите од 2016 му пишаа на Закерберг, нудејќи му ги бесплатно своите услуги, со аргумент дека имаат „уникатна експертиза“ која може да му помогне на Фејсбук да излезе на крај со лажните вести. И ова не само за САД туку за целиот свет, повикувајќи се на „отворен код“ принципи. Со оглед на амбивалентата врска со вестите и под политички притисок (Фејсбук беше обвинет за овозможување руски дезинформации поврзани со кампањата), Закерберг се согласи. Но сега, откако беше повикан на неколку сослушувања во Конгресот, откако стана јасно дека репресирал легитимни дискусии за потеклото на КОВИД и откако му беа упатени закани од Трамп, јасно е зошто тој „изгоре“ и се повлече

Како аргумент на ваквиот потег тој изјави дека „факт чекерите во меѓувреме станале премногу политички мотивирани“. Звучни точно, но исто така е точно дека линиите на разделување помеѓу „политичките“ и „неполитичките“ актери е замаглена. Во деновите П.Т. (пред Трамп), новинарите кои беа назначени или самите се назначија за проверувачи на факти главно беа искусни генералисти со неполитичка репутација - голем контраст со помалку искусните, а поагресивни новинари од ерата на Трамп кои подоцна го присвоија кредиблитетот за разобличување на дезинформации. Можеби поради тоа што побарувањата за факт-чекинг главно доаѓаа од левицата, па новинарите кои беа активни на ова поле исто така главно беа од левата страна на центарот. Така, излезе дека едните (десните) постојано имаат склоност да манипулираат и да лажат, а дека работата на левите е само да проверуваат, а не и самите да бидат проверувани. Поинаку кажано, дури и некои од тврдењата на проверувачите да беа/се вистинити, целината е така составена („бирана“ или „берена“ како информациски цреши) за да придонесува кон одреден лукративен наратив. Сепак, останува фактот (да, фактот) дека организации како споменатите, кои до скоро беа партнери на Мета, не можеле да отстрануваат содржини - сите вакви одлуки биле на компанијата. 

Назад кон претходното тврдење - на новинарството не му оди во прилог да „храни“ и уважува посебна група луѓе чија професија е директно поврзана со дезинформациите и проверката на факти. ОВА ТРЕБА ДА БИДЕ СЕЧИЈА РАБОТА. И покрај тоа што може да не им веруваме на мотивациите на Закерберг, уште помалку може да му се верува на факт-чекерството како хиерархиски повисока инстанца од едноставно чесното известување. 

извор

14 јануари 2025 - 09:09