Прц!

Закерберг ќе ги откачи факт-чекерите

Мета ќе се ослободи од проверувачите на факти, „драматично ќе ја намали количината на цензура“ и ќе препорачува повеќе политички содржини на своите платформи, вклучително и Фејсбук, Инстаграм и Тредс, најави основачот Марк Закерберг. Се молат факт-чекерите да ја проверат оваа вест, дур им трае платата. Не дека се секираме за нив, ќе најдат тие нови газди.

Уште неседнат во Белата куќа, Доналд Трамп и неговиот медиумски сојузник Илон Маск веќе покренаа сериозни промени во пејсажот на социјалните медиуми.

Ултра богатиот и моќен послушник на претходната администрација, Марк Закерберг (види: Закерберг жали што цензурирал ковид содржини под притисок од Белата куќа), покажува дека тој талент планира да го користи и со новата, па најави дека ќе се откаже од услугите на фамозните и озлогласени факт-чекери и ќе ги замени со „забелешки од заедницата“, слично како што е на платформата Икс. Таму, наместо најмени цензори, се почитува и вреднува моќта на останатите на платформата да демаскираат некое тврдење или пак да му го дадат неопходниот контекст. 

Посипувајќи се со пепел, Закерберг кажа дека неговите факт-чекери биле премногу политички пристрасни и повеќе придонеле кон уништување на довербата кон платформата отколку што ѝ помогнале.

Како бонус од неговото најново просветлување ќе биде тоа што тимовите за модерирање ќе ги префрли од Калифорнија во Тексас.

Мета има повеќе од 3 милијарди корисници на глобално ниво. Во опширна покајничка изјава, Закерберг рече дека Мета „ќе се ослободи од еден куп ограничувања за теми како што се имиграцијата и родот и кога мислењата не се во согласност со доминантниот наратив“ и дека „ќе соработува со претседателот Трамп да ги одвраќаат владите ширум светот кои сè почесто бараат цензура“.

Каков папак!

*********

7 јануари 2025 - 17:50