Првата употреба на зборот „досада“ во книжевноста на англиски јазик е регистрирана во романот „Пуста куќа“ (Bleak House) на Чарлс Дикенс од 1852, во кој изразот се појавува шест пати. Но тој во последнава година е главна тема на најмалку седум книги, што според коментатор на Њујорк Тајмс е доволно за да се прогласи „бум на здодевноста“.
Ваквата ситуација се толкува како реакција на влијанието на интернет врз нашата способност за концентрација, самување и досадување. Спомнатите книги пак, излезени во текот на 2016 и 2017 (и некои кои допрва ќе излезат) се движат од прирачници за тоа како да се досадуваш, преку анализи на индустријата на анти-досада, до такви кои зборуваат за врската на здодевноста со зависностите во доба на одземено внимание.
„Проѕевање: авантури низ досадата“ на Мери Мен, на пример, е потрага по подлабоко разбирање на досадата, со сите нејзини иритирачки но и и инспиративни аспекти. Во неа се среќаваме со христијански монаси од четвртиот век кои живеејќи далеку од цивилизацијата нудат први пишувани описи на летаргијата; со Томас Кук, „дедото“ на туристичката индустрија, кој обезбедувал бегство од секојдневието за англиската работничка класа; до модерните парови за кои моногамијата е монотонија и затворениците за кои досадата е најголема казна.
„Како да се досадуваш“ на Ева Хофман, поранешна уредничка во Њујорк Тајмс, зборува за значењето кое им го придаваме на успехот, високото ниво на активност, ефикасноста и „будноста“ во денешното компетитивно општество, во свет во којшто е речиси невозможно да легачиш. Според неа, за да се одржи колективното ментално здравје потребно е да ја вратиме способноста за едноставно седење во место и ѕверење во празно.
Податоците за неподготвеноста на луѓето (особено на помладите) да го сторат ова е запрепастувачка: според податок од истражување спроведено на Универзитетот во Вирџинија во 2014 наведен во книгата, 18 од 42 студенти одбрале да си зададат електричен шок наместо да седат мирни и осамени само 15 минути. Еден од испитаниците толку се мачел со здодевноста што се шокирал дури 190 пати во текот на истиот период, „само колку нешто да му се случува“. Авторката сепак не препорачува радикално раскинување со каква и да е технологија и активност, туку нешто што таа го нарекува „нежна досада“. Тоа е состојба на задоволство, способност едноставно да се ужива во момент без да се прави ништо, а за таа да се гради постепено Хофман дава неколку корисни совети, како на пример себеисклучување од социјалните мрежи, на почетокот барем на 15 минути.
„Евангелие според Дејвид Фостер Валас: здодевност и зависност во време на одземено внимание“ на Адам С. Милер ги анализира темите како очај, индиферентност и здодевност во делата на Валас. „Зборник на студии за здодевноста“, пак е збирка есеи од различни истражувачи на овој феномен. „Досадни и брилијантни: како исклучувањето од секојдневието може да го поттикне најпродуктивниот и најкреативниот дел од вас“ (која ќе излезе во септември) на Мануш Зомороди делумно се базира на експермент на Зомороди со подкастот „Ноут то селф“, програма преку која таа ги поттикнувала слушателите да се исклучат од апаратите и да се обидат да направат нешто креативно. „Пушти што и да е: задоволството на ограничувањата, употребата на здодевноста и тајната на игрите“ на Јан Богост зборува за тоа дека животните ограничувања - исто како и ограничувањата во игрите како фудбал или Тетрис, не се пречка во нашето уживање, туку напротив, она што го прави животот забавен. Последна во низата е книга која ќе излезе наскоро, а се вика „Храни го твоето уау“ од Раби Данја Рутенберг, полна анегдоти за тоа како родителството може да биде духовна практика и начин да се извлече најдоброто од рутината и досадата на грижа за друго суштество.
Волкава концентрација на една тема во краток период, освен што е социолошко-културолошки симптом, сепак може да означува уште нешто - тоа дека таа наскоро ќе стане досадна.