Магија и змејови, вселенски бродови и меѓупланетарни конфликти, судир на култури кои се разрешуваат мирно и преку саможртва, а не преку борби со ласерски мечови и апокалиптични битки, се некои од карактеристиките на прозата на Ле Гвин, која е преведена на повеќе од 40 јазици и продавана во милиони копии низ целиот свет. Некои од книгите, меѓу кои „Левата рака на темнината“, која се одвива на планета каде не важат вообичаените родови разлики, постојано се препечатуваат скоро пет децении. Критичарите велат дека токму нејзина заслуга е што фантастиката како жанр почна да се вбројува во „висока“ литература, а не како до тогаш во детска или забавна.
Покрај 20 романа, таа е авторка и на десетина книги поезија, повеќе од 100 кратки раскази, седум збирки есеи, 13 книги за деца и - последно, но не и помалку важно - пет тома преводи, кои го вклучуваат Тао те чинг на Лао Цу и одбрани песни од чилеанската нобеловка Габриела Мистрал.
Централни за нејзините дела се моралните прашања. „Ако не сакате или не можете да ги замислите последиците од вашите дејства, тогаши не можете да дејствувате морално или одговорно“, има изјавено во интервју за Гардијан во 2005. „Малите деца не можат да го сторат тоа, бебињата се морални чудовишта - сосема алчни. Нивната имагинација мора да биде обучена за да поттикнува предвидување и емпатија“.
Токму тоа според неа е и задачата (или „пријатната обврска“) на писателите - да ја хранат читателската имагинација со „најдобрата и најчистата храна која таа може да ја апсорбира“.
Големо влијание врз темите и начинот на пристап во нејзините дела има фактот што двајцата нејзини родители биле антрополози. Татко ѝ, Алфред Л. Кребер, е еден од најпознатите американски експерти за домородното северно-американско население во Калифорнија. Самата таа ги има опишувано нејзините книги како антрополошки „мисловни експерименти“.
Во еден таков расказ под наслов „Оние кои заминуваат од Омелас“ (го објавивме претходно тука) таа поставува токму такво хипотетичко но многу значајно прашање: Дали би се согласиле да живеете во совршена среќа, знаејќи дека таа зависи од страдањето на едно дете?