Името на Лу Отенс не е широко познато. Оттаму, некролозите кои би го содржале само неговото име би поминале незабележано. Но придружено со „изумителот на касетата“, тоа предизвикува мешавина на чувства, од носталгија до чудење кај новите генерации, на што сè сме биле приморани да слушаме музика.
Отенс, кој почина на 94 години, бил талентиран инженер во Филипс, каде по касетата работел и на развивање на компакт дискови. Касетата била негов одговор на големите магнетофонски ленти кои обезбедувале висококвалитетен звук, но биле премногу скапи и кабасти. Во раните 1960 се зафатил со нова технологија на ленти, кога станал шеф на тогаш пионерски оддел за развој на производи на Филипс во Хаселт, Белгија.
„Лу сакаше музиката да биде подвижна и достапна“, вели режисерот Зак Тејлор, кој минал повеќе денови со Отенс за снимањето на својот филм, „Касета: документарен микстејп“ од 2018.
Отенс го поттикнал Филипс да го одобри новиот формат за слободна употреба и на другите производители, со што касетите стануваат светски стандард.
Но пред да се случи ова тој требало да седне и да го сработи новиот производ. Притоа користел плочка од дрво која била доволно мала и доволно тенка за да може да се носи во џеб, што ја одредило иднината на снимањето и слушањето музика. Резултатот бил промовиран во 1963 и уште од самиот почеток бил дочекан како сензација.
Роден во 1926, Отенс почнал да се занимава со техника во текот на Втората светска војна, кога направил радио апарат за семејството. И покрај тоа што неговиот главен изум биле касетите, тој сепак не бил емоционално врзан за нив - бил свесен дека нештата одат напред, и дека музиката заслужува да биде слушана со што е можно подобар квалитет. Во 2013, на 50-годишнината од првата касета, изјавил дека касетите се „примитивни, подложни на врева и извитоперување на звукот“, и дека е добро што се надминати.
Денес, и покрај напредната технологија, касетите се колекционерски скапоцености, а и голем број современи музичари продолжуваат да ги издаваат. Во 2020 нивната продажба забележа најголем раст во последните 17 години, а касети издадоа, меѓу другите, Лејди Гага, Селена Гомез и Горилаз.