Таа е првата жена која го има добиено златниот медал на британскиот Кралски институт на архитекти по 167 години машка доминација (за што пишувавме тука), како и првата жена која по 26 години постоење на наградата, во 2004 доби Прицкер за архитектура, која се нарекува и „архитектонски Нобел".
Нејзините градби се опишани како неофутуристички, со фрагментирана геометрија која го евоцира хаосот на модерниот живот. Помеѓу бројните нејзини проекти се централната зграда на компанијата Бе-ем-ве во Лајпциг, Културниот центар Хајдар Алиев во Баку (фото 1), зградата на Парламентот на Ирак, Олимпискиот центар за водни спортови во Лондон (фото 2), но и проекти кои ги остави недовршени, како стадионот за Мундијалот во Катар во 2022.
Еден од последните нејзини големи проекти е станбена зграда во Њујорк, која официјално ќе биде пуштена во употреба во 2017. Некои од иновациите применети во овие станови, кои се продаваат за повеќе од 50 милиони долари, се: спратови кои се „преклопуваат" односно влеваат еден во друг, со што максимално се искористува просторот, свеж воздух кој е четири пати филтриран и покрај тоа што технички њујоршкиот воздух е во согласност со националните стандарди (сепак имал двојно препорачано ниво на PM 2,5..), „умни" врати во туш кабините кои се заматуваат кога човек ќе влезе да се тушира и мешавина помеѓу рерна и рерни на пареа во кујните.
Нејзините критичари велат дека често добивала спонзорства од „диктаторски режими“, а нејзиното име се поврзуваше и со мизерните услови на мигрантите-работници ангажирани за изградба на стадионот во Катар. Сепак, дури и оние кои имаат нешто против неа се согласуваат дека нејзините дела се „фамозно екстравагантни“.