Фотограф се пријавил со реална фотографија на конкурс за вештачки генерирани слики и победил . Жирито едноставно верувало дека таа е направена дигитално. Откако сфатиле дека авторот, Мајлс Астреј, не употребил ВИ за да го создаде делото, тој бил дисквалификуван.
Својот детален текст под наслов „Повторно присвојување на умот“ (Reclaiming the Brain), посветен на овој „инцидент“, Астреј го започнува со следнава реченица: „Природата се уште ја победува машината и вие го потврдивте ова!“. Неговата слика F L A M I N G O N E ги освоила и гласовите од публиката, како и наградата од жирито. Но сликата од фламингото чија глава наводно недостасува е реална - сликана е во пет наутро на Аруба, кога на плажата нема луѓе.
Конкурсот се вика Награди 1839 и е меѓународен наптревар со високо компетентно жири кое вклучува членови од Њујорк Тајмс, Гети имиџис, Центарот Помпиду во Париз, галеријата Кристис итн. Но дури и овие „експерти“ не сфатиле дека птицата во моментот само си го чеша стомакот и затоа ѝ ја нема главата.
Авторот аплицирал со реална слика за со тоа да ја коментира ситуацијата со напливот на вештачки генерирани фотографии, како и импликациите за иднината на содржините и нивните креатори (уметници, новинари, графички дизајнери). Иако по ова признание жирито изјавило дека „ја сфаќа поентата“, наградите му биле одземени.
Тој сепак не е разочаран и вели дека ова е сепак победа, за него и голем број креативци. „Нема да одам толку далеку и да речам дека ова е победа на самата Мајка природа, бидејќи таа има попаметни работи - кој знае, можеби ВИ ќе ѝ помогне во тоа, со компјутеризирање на моделите за климатски промени и слични нешта“, вели Астреј.
Види претходно: Како новинските агенции одлучуваат дали некоја фотографија е „премногу работена“?