Како новинските агенции одлучуваат дали некоја фотографија е „премногу работена“?

Контроверзата околу ретушираната семејна фотографија на Принцезата од Велс и нејзините деца, освен мемиња и теории на заговор, откри и медиумите и фото агенциите, особено оние кои претендираат на сериозност и релевантност, излегуваат на крај со ова прашање, кое допрва ќе стане актуелно.

Акгенциите како Getty Images и PA Images играат суштинска улога во обезбедувањето фотографии за медиумите од целиот свет, во кои се уште може да се има доверба. Овие организации се држат до строги кодекси на работа кои се дизајнирани така да обезбедат интегритет на сликите кои ги дистрибуираат. Доколку некоја која е веќе објавена излезе дека е лажна, веднаш се издава наредба за нејзино „убиство“ (kill order). Ова звучи драматично, но веднаш ја запира дистрибуцијата. 

Главната причина зошто овие и други фотоагенции кои држат до себе не можат да прифатат дигитално манипулирани слики е нивниот потенцијал да ја искривоколчат вистината. Се уште предност има она фотоновинарство кое ги следи нештата од прва рака, на лице место, и не дека и овие репортери не можат да користат фотошопирани ефекти, но тие полесно се откриваат. Што се однесува до фотографии од областа на модата и славните личности, тука правилата се малку полефтерни. 

Фото агенциите имаат сопствени стандарди околу тоа кое ниво на едитирање е прифатливо. AFP (Agence France Press) на пример вели дека видеата „не смеат да бидат местени, манипулирани или едитирани за да даваат погрешна слика на настаните“. Gеtty дозволува мали промени, како прилагодување на боите, отстранување на „црвено око“ или прашина од валкана леќа, но забранува „екстремни“ прилагодувања на боите или светлината. 

Како што новата технологија, генеративната ВИ, сè позабрзано овозможува создавање лажни слики и го олеснува уредувањето на фотографиите, прес агенциите се загрижени како да го регулираат ова. The Associated Press вели:

„Ќе се воздржиме од пренесување каква и да е слика генерирана од АИ за која ќе се посомневаме или за која ќе се докаже дека е лажна. Сепак, доколку ВИ илустрација или уметничко дело е предмет на одредена сторија, таа може да се користи доколку е јасно означена како таква во легендата“. 

World Press Photo, организацијата позната по својот годишен натпревар во фотоновинарство, под притисок на фотографите и уметниците кои работат поконцептуална фотографија имаат додадено категорија „отворен формат“. Тука се добредојдени иновативни техники, нетрадиционални начини на презентација и нови пристапи кон раскажувањето приказни.

Во 2023 тие размислуваа за додавање на ВИ генерирани слики, но се откажаа по реакции на голем број репортери. Сепак, правилата на оваа организација за поднесување фотографии во конкурсот, кои се освежуваат на годишно ниво, често се користат од фото агенциите низ светот како урнек, при што се препознава значењето на еден универзален стандард за вистинитост во визуелното известување.

извор

16 март 2024 - 10:43