Кога човек ќе се мотивира да истражи одредено лингвистичко прашање во Македонија, полу-аматерски и без намера од тоа да излезе докторска дисертација, ќе се соочи со дисфункционалноста на повеќе аспекти на архивирањето и дигитализацијата кои ќе му оневозможат на релативно едноставен начин да ја задоволи својата љубопитност.
Овој пат сакавме да провериме, дали е вистина објавата на социјалните мрежи (оригиналот сега е избришан, но таа беше пренесена и коментирана од неколкумина корисници), непосредно по смртта на нашата исклучителна писателка Оливера Николова, дека таа е заслужна за воведување на терминот „иднина“ во македонскиот јазик. На прва, тврдењето звучеше малку веројатно, но ништо не е такво додека не се истражи, нели?
И покрај тоа што интуицијата ни ја потврдија повеќемина со кои се консултиравме, ниту еден од нив не „потфати“ да ни се придружи во посериозна потрага. Ова не е ни чудно, со оглед на најмалку четирите логични чекори кои би требало да следат:
- Пребарување на дата-база на дневен печат и списанија кои излегувале во Македонија, најмалку од крајот на Втората светска војна до денес (освен ако не сакате да седите во НУБ и да ги листате физичките копии)
Не постојат дигитализирани верзии на „Нова Македонија“, „Вечер“ и други весници, голем број од нив во меѓувреме згаснати, кои би можеле да обезбедат континуиран и историски увид во појавата, евентуалната трансформација или целосното исчезнување на зборови, идиоми, изрази.
Единствениот целосно дигитализиран весник по сите стандарди за којшто знаеме (верзија за читање онлајн и пдф верзија соодветна за пребарување) е „Македонка“ на АФЖ на Македонија (1944-1952), дел од проект на Центарот за истражување на национализмот и културата од Скопје. Сепак, тој се наоѓа на сајтот на Народната библиотека на Србија, поради едноставниот факт што таму се чуваат сите броеви, за разлика од кај нас, каде броеви од него недостасуваат или пак се неупотребливи.
- Пребарување на уметничка литература (проза и поезија), најмалку од крајот на Втората светска војна до денес
Дури и онаму кадешто некој се потрудил да дигитализира стари и ретки книги, на пример малубројните скенови на сајтот на библиотеката „Браќа Миладиновци“, тие не можат да се симнат и пребаруваат, туку само да се читаат онлајн. Ова во случајов значеше читање збор по збор на делата барајќи го во нив зборот „иднина“, бидејќи пребарување со „најди“ е невозможно.
Најдобар извор за оваа цел се покажа сајтот Дигитални ресурси за македонскиот јазик на МАНУ, каде под Електронски корпус на македонски книжевни текстови се качени изданијата од едицијата „135 тома македонска книжевност“ која во серии излегуваше некаде околу 2008-14 година со поддршка на Владата. Тука книгите се во најобични и најпрактични за пребарување текст фајлови, придружено со ексел таблица со насловите, годината на издавање и оригиналниот датум на излегување на сите содржани дела, кои вклучуваат и такви на албански и турски јазик на автори од Македонија. Некои од овие книги изгледа воопшто не се отпечатени (за тоа сведочат одредниците „во печат“ кои стојат во картончето на книгата во системот Кобис - да, проверивме), но ете за среќа барем постојат во ваков, дигитален формат.
- Препрашување по повозрасни луѓе и преглед на дигитализирани етнолошки материјали (интервјуа), дали изворот на терминот е народниот говор
Накратко - не е. „Понатака“, „потака“, „некогаш“ (во струшко и - некваш, неодреден термин и за минато и за иднина), но не и терминот кој го бараме.
- Во отсуство на етимолошки речник на македонскиот, консултирање такви за словенските јазици
Накратко - не беа од голема полза. Најдовме „будуќност“, „б'диште“ но не и „иднина“.
И конечно, назад кон првичното прашање. Кога и каде се среќава зборот иднина во македонската книжевност, пред или освен кај Оливера Николова?
На сајтот на Дигиталниот речник на македонскиот јазик, како најстара референца се наведува „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903), со неколку цитати меѓу кои - „Но тие треба да ја гледаат во иднината реалноста, а не тоа што им се бендисува“.
Проблемот со ова е што цитираниот дел е од верзија на современ македонски правопис. Во верзијата на стар македонски правопис (обете на Викиизвор тука и тука), терминот е - „биднина“.
Иднина како таква, прв пат ја сретнавме во „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле од 1938, кога Оливера Николова имала 2 години. Секако, не тврдиме дека ова е прва појава на терминот во македонската книжевност - сосема е можно Крле да го презел од претходни дела (или и тој е осовременет?). Но нам ни беше интересно затоа што очекувавме дека истиот ќе се појави дури подоцна, во контекст на револуционерните сентименти на Македонците за ослободување и напредок, па оттаму и почестото занимавање со концептот на иднина.
И да, таков концепт навистина се појавува, во Манифестот на АСНОМ од 1944, но тука гласи - СЕТНИНА!
Ова има многу смисла, со оглед на „сетне“, како дијалектна форма на „после“, содржан и во Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Сепак, во истиот тој речник, „сетнина“ се толкува како крај, завршеток, а во книжевноста во ваква смисла се користи од авторот Мето Јовановски, по потекло од Преспа.
Истата година, и тоа на повеќе наврати, терминот се среќава и во спомнатиот весник „Македонка: орган на АФЖ“ - бр. 2 од декември 1944.
Следна референција е песната „Скопје“ на Блаже Конески, прв пат објавена во збирката „Земја и луѓе“ во 1948 година.
Ти што ќе стоиш на Гази баба,
потомче - чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е - зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто - молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!
„Иднина“ има и во поезијата и прозата на Славко Јаневски, а најраното споменување таму е во романот кој се смета за прв напишан со современ македонски правопис, „Село зад седумте јасени“ од 1952 година.
Од тука натаму „иднина“ се среќава на голем број места во македонската книжевност, вклучително и кај Оливера Николова, чија прва книга „Зоки Поки“ е објавена во 1963.
После сè, оваа потрага на многу начини излезе од рамките на првичниот повод. Таа, по кој знае кој пат, покажа колку е тешко човек да биде љубопитен и мотивиран да трага по информации во систем во којшто тие (информациите) не се систематски собирани, достапни за пребарување, недвосмислени. За споредба, првото споменување на зборот future во англискиот можеше да се лоцира со обично пребарување со ЧетЏипити (да, и ова треба да се провери, но барем има некаква почетна референца). На крај останува прашањето - ќе направиме ли ние нешто за ИДНИНАТА, барем онолку колку што авторите кои ја споменувале направиле за нашата сегашност?
Илина, Букбокс