Нова колумна посветена на Матвејевиќ на Борис Дежуловиќ, под наслов „Остана Миле Пешорда“, е остар коментар на третманот на хрватското општество на човек кого за Нобелова го предлагаа Умерто Еко и Клаудио Магрис, кој предаваше на Нова Сорбона и на Ла Сапиенца, хуманист кој отворено се спротивставуваше на диктатурите и „демократурите“ на Балканот (патем, член на МАНУ вон работниот состав), добитник на највисоките француски и италијански книжевни награди, космополит и државјанин на Медитеранот.
Тоа е, или беше Матвејевиќ. Но кој беше, побогу, тој Миле Пешорда?
Името на овој хрватски поет и „истакнат интелектуалец“ (како што е опишан на неговата страница на Википедија) се расчу низ светот но не заради неговото творештво, туку во моментот кога тој го тужеше Матвејевиќ за клевета, заради текст објавен во 2001 во Јутарњи лист, под наслов „Нашите талибани“. Мешавина на патеписна репортажа и полемички есеј, Матвејевиќ во него ги опишува своите патувања по опустошената Босна и Херцеговина со екипа на германско-француската телевизија Арте. Паралелно со спомените на времето од младоста на авторот, кога изгледало дека омразата нема да успее во својот крвав пир, тече и полемика со современите балкански интелектуалци и се поставува прашањето на одговорноста.
„Луѓето од перо сносат голем дел од таа вина. Би било добро кога би постоел посебен суд, не само оној во Хаг, еден уште повисок од него, подобар и построг од судовте на честа што по Втората светска војна кај нас и во Европа им суделе на квинслиншките писатели. Таквиот суд да ги осуди пред јавноста сите оние кои се виновни за она што се случило, и пред сè да им ги наведе имињата: оној кој од почетокот го подготвуваше и го подучуваше ’вождот’ (Добрица Ќосиќ и неговите пулени), оној кој го поддржуваше ’врховникот’ и го впрегна своето тапо перо за да ја оправда агресијата на Босна (на пример Иван Аралица), оној кој го држеше микрофонот под брадата на гусларот и ги величаше неговите подвизи додека овој удираше по Сараево (Момо Капор). И сите останати кои беа поттикнувачи на злосторство, и него го го криеа, го оправдуваа на разни начини и уште се обидуваат да го оправдаат, како на пример...Миле Пешорда, кои дури и своите колеги кои останаа во Сараево под четничките бомби ги нарекуваше ’посрпци’“
Пешорда го заслужува спомнувањето заради текстови во хрватските весници објавувани од 1993, во кои ја брани државотворната политика на хрватската власт и ги прозива „лошите Хрвати“, особено оние кои заговараат босанско заедништво. Секако, не тој некој злотвор од рангот на другите споменати, но Матвејевиќ наоѓа повод да го пецне, макар и со задоцнување, за епитетите кој пак Пешорда му ги има упатувано нему: „брутален марксизоиден вербален атентатор“, „антикроат“, „дифаматор и дезинформатор“, „близок соработник на Бата Жовијиновиќ“, „неосталинистички итало-комунист“ и „клеветнички југо-монструм“.
Судскиот спор за клевета кој го покренува Пешорда уште во 2005, во 2010 завршува со пресуда според која тогаш 78-годишниот Матвејевиќ треба да помине два месеци во затвор или две години на условна слобода. На ова бурно реагира кремот на европските интелектуалци - Ле Монд и францускиот Хафингтон пост пренесуваат петиција составена од Бернар-Анри Леви, во која случајот се нарекува „скандал кој го обесчестува европскиот дух“, а е потпишана, меѓу другите, од Умберто Еко, Салман Ружди и Петер Слотердијк.
Целата работа станува толку голема, што и дел од хрватските писатели го креваат својот глас, па тогашниот премиер Санадер, сфаќајќи ја опасноста од симболичкото значење на судската одлука, се оградува од неа, додуша како член на ПЕН и Друштвото на хрватски писатели, а не како премиер.
Заради сето ова текстот на Дежуловиќ кој потсетува на овој случај завршува со:
На хрватската култура така ѝ остана човек кој Матвејевиќ - писателот што половина од својата биографија ја мина заложувајќи се за прогонетите, осудуваните и затвораните писатели - го испрати на суди и во условен завор. На таа мала, тесна и влажна култура ѝ остана Миле Пешорда, жртвата на „матвејечевите клеветнички конфабулации и масмедиумски криптокомуњарски и криптошовинистички кампањи од планетарни размери“, како што стои во тужбата.
На медитеранската и на европската широка култура, која жали по него, ѝ умре човек кого го предлагаа за Нобеловата, и кој во своите римски и париски поштенски сандачиња наоѓаше писма од водечки европски писатели и интелектуалци, државници и римски папи. На хрватската култура пак ѝ умре писател кој напиша многу книги, и кој на своето загрепско поштенско сандаче, заедно со натписот „Свиња југословенска“, еднаш најде дупки од два куршума.
Целиот текст на Дежуловиќ тука
Интервјуто на мкд.мк со Матвејевиќ од пред една година, по повод излегувањето на неговата последна книга, „Граници на судбината: за југословенството пред и по Југославија“ тука