„Лекцијата е дека ако сакаш да бидеш криминалец треба да си ја завршиш домашната“.
„Чекај, не сум јас лош“.
„Не реков дека си лош. Реков дека си криминалец.“
„Што е разликата?“
„Познавам добри криминалци и лоши полицајци. Лоши свештеници, чесни крадци. Може да бидеш на една страна на законот или на друга. Но ако подадеш рака, тогаш треба да се држиш до зборот“.
По завршувањето на четвртата сезона на серијата пишувавме за политичките пораки на „Подобро барај го Сол“, приквелот на „Брејкинг бед“. Таа се фокусира на ликот на Џими Мекгил, најпрвин заштитник на џепароши, сексуални работнички и пишувач на тестаменти, потоа „пријател“ на големите дилери под името Сол Гудман, на крај бегалецот Џин Такавик. Паралелно со неговото искачување во подземјето, ги сведочиме и моралните дна на бирократијата на судскиот систем, ароганцијата на високите класи и емпатиската пустина полоша и од онаа на Ново Мексико, која во себе крие ѕвечарки и по некој анонимен гроб.
По шестата и последна сезона, финалната 61-ва епизода, и по 7 години прикажување, серијата заврши разрешувајќи ја основната дилема која ја градеше уште од првата епизода - дали Џим/Сол е антихерој или негативец?
(* од тука натаму статијата содржи спојлери)
Приказната на Волтер Вајт од „Брејкинг бед“ барем на почетокот е слична на онаа на Сол, но неговата трансформација во бескрупулозен никаквец, иако постепена, е прилично јасна. Онаа на Џими МекГил е многу поизнијансирана и со поголема емоционална длабочина. Ова особено се однесува на неговиот однос со многу поуспешниот брат Чак, кој од крајно пожртвуван и лојален преминува во навидум предавнички, но САМО откако Чак јасно ќе покаже дека никогаш немал намера да го прифати Џими како професионално и човечки рамен на себе.
Антихеројот (а не негативецот) Џими/Сол особено доаѓа до израз во контрапункт со неговата колешка, девојка и на крај сопруга, Ким Векслер, морален столб на еден универзум кој е под постојан сеизмички стрес - како лажните антички столбови во канцеларијата на Сол. Нејзиното херојство е повеќеслојно, но главно се сведува на морално навигирање во професија во која стереотипно целта е поважна од средствата (на пример, отворање на нова банкарска подружница на име на уништување нечиј дом), но и на постојаната поддршка на партнер кој во криминалниот свет, додека не загусти, се однесува како во игротека или во слаткарница. Додуша, нејзиното неодобрување на моменти спласнува, кога таа не само што се вклучува, туку и поттикнува откачени потези, сè во име на заедништвото и забавата. Двете монтажи со истата песна, едната од четвртата сезона со нивните заеднички секојдневни моменти, и втората од петтата сезона кога Ким го чека крај телефонот додека Сол пешки минува низ пустина со седум милиони картелски долари во спортска чанта, се врв на телевизиската уметност.
Кога возбудата ќе спласне, специјалните единици ќе чукнат на врата, идентитетот ќе се промени и ќе почне да се живее под радарот, сликата се менува во црно-бела, не само за да знаеме дека хронолошки сме во сегашноста, туку и за да го означи сивилото на животот по една адреналинска животна приказна сведена на рутината на правење синамон ролс во трговски центар или пополнување Ексел таблица за градинарски прскалки.
Во тој нов свет Ким останува доследна на својата морална исправност, но тој свет е испразен, а нејзината стоичка осама среде муабетите на колешките за новиот ресторан во градот или за детските родендени, тежи како камен. Сепак, Сол во последната епизода среде судница признава: „После сè што се случи, Ким најде храброст да почне одново. Таа замина од градот. Но јас бев оној кој избега.“ На неговото финално признание можеби му недостасува драматична катарзичност, но жртвата којашто тој ја прави за да ги расчисти сметките и со себе, и со Ким, и со жртвите за коишто сноси индиректна одговорност, потврдува дека тој не е лош - само човек во потрага по американскиот сон, кој всушност не постои.
Илина, Букбокс