Колку и да звучи претерано, дека серија за адвокат со ситноизмамничка душа и пар крупни дилери може да заслужи вакви ловорики, како и секоја приказна која и после повеќе години ќе ја нарекуваме „класика“, тука има и многу подлабоки поенти, кои задираат во психологија, социологија, политика и филозофија. И без оглед на тоа што се одвива во Албукерки, содржи универзални значења.
Неколку работи за оние кои не ја гледале серијата (без спојлери):
- неа можат да ја следат и оние кои не ја гледале Брејкинг бед (односно таа без никаков проблем може да функционира засебно)
- сепак, оние кои ја гледале Брејкинг бед подобро ќе се запознаат со развојот на некои од ликовите кои се појавуваат во двете серии
- дефинитивен спој на двете приказни сè уште се нема случено
На оние пак кои ја гледале Брејкинг бед им е јасно дека некои елементи се повторуваат. И во двете приказни „мали“ луѓе (адвокат од најниската професионална ниша со „канцеларија“ во салон за нега на нокти и наставник по хемија во средно) се претвораат во моќни антихерои кои ги искористуваат сите слабости на системот за да „фатат кривина“ (cut corners - израз кој често се повторува), толку често и толку многу што на крај веќе не ни можат да излезат на прав пат.
Ситуацијата на Сол а.к.а. Џими Мек Гил е особено индикативна кога станува збор за борбата против бирократијата на судскиот систем, слабостите на оној здравствениот, и ароганцијата на професионалните фели од типот на правничките, кои со презир гледаат на диплома од дописен универзитет на Американска Самоа, и не им даваат шанса на реалните способности на човекот. И покрај моралната нестабилност на Џими и изблиците на неговиот измамнички нагон (со врвни креативни решенија и на најсложени проблеми), човек не може а да не му проштева, па дури и да му се восхитува. Затоа што тој е производ на нехуманата околина, епитомизирана и во суровиот пустински пејзаж, во кој екстериерните сцени главно најавуваат исто такво, сурово убиство.
И не е само овој лик таков, од мака преминат „од другата страна“ на законот. Нема морална дамка (напротив!) ни кај уште потрагичниот лик на Мајк Ермантраут, „фиксерот“ на Сол Гудман и „чистачот“ од Брејкинг бед. Некогашен полицаец и базично добар човек, тој е вовлечен во криминал уште додека бил во униформа, понуда што не можел да ја одбие. И помеѓу големите ѕверки - дилери на дрога има приказни, и има витешки однос на доверба, чест и обврски. Сè што нема во останатиот дел од реалноста. А дури и навидум „прилагодени“ ликови, како оној на Чарлс МекГил - славен адвокат во чија сенка неговиот брат Џими никако да пркне - се длабоко трагични.
Во меѓувреме тиранијата на власта се обелоденува и критикува преку куп елементи кои понекогаш е лесно да се превидат - Сол во еден момент на локалните криминалци им продава куп евтини мобилни за една употреба, oбезбедувајќи им „приватност“ од оние кои следат и прислушуваат секого и сè. Судските постапки кои тој ги води, а вклучуваат уште „помали“ луѓе од него кои не можат да си дозволат платен адвокат, откриваат и цела спрега на официјални и квази-владини институции (правни фирми, корпорации, институции за грижа на стари лица итн.) кои безмилосно манипулираат со неинформираните и немоќните. Оваа тиранија за неупатеното око е невидлива. За Сол таа е насекаде, како трн во око.
Одлична видео анализа (подоле) на стилот на двете серии ги покажува кинематографските разлики помеѓу нив. Бетер кол Сол е поспокојна, во спектарот на меланхолијата, додека Брејкинг бед беше (и буквално) експлозивна и многу покрвава. Во „Сол“ има чести сцени на интроспекции, каде подолг период не се случува ама баш ништо. Но помеѓу нив има и големи сличности, токму на концептуално ниво:
„Лекцијата е дека ако сакаш да бидеш криминалец треба да си ја завршиш домашната“, му објаснува Ерментраут на еден дилер во обид кому му изигрува телохранител.
„Чекај, не сум јас лош“, му одговара тој.
„Не реков дека си лош. Реков дека си криминалец.“
„Што е разликата?“
„Познавам добри криминалци и лоши полицајци. Лоши свештеници, чесни крадци. Може да бидеш на една страна на законот или на друга. Но ако дадеш рака, тогаш треба да се држиш до зборот“.