Џорџ Карлин

„Планетата е во ред, ние не чиниме"

Транскрипт од Jammin' in New York, албум во живо снимен 1992 во Медисон Сквер Гарден пред 6,500 луѓе, кој доби Греми за најдобар говорен албум од областа на комедијата. Иако, како и многу други работи што ги има кажано Карлин, ова е повеќе поучно отколку смешно.

 

Околу нас има премногу луѓе кои вечно се грижат за сè и сешто. По цел ден се тетерават и секоја минута од нивниот живот го трошат на - грижа. Се грижат за воздухот, водата, за земјата. Се секираат за штетата која ја прават инсектицидите, пестицидите, додатоците за храна, канцерогените супстанци, ги губат нервите заради штетноста на плинот, азбестот..а посебно се фаќаат за едно прашање - како да се спасат загрозените видови?

Да ви кажам нешто за загрозените видови: нивното спасување е само уште еден арогантен обид луѓето да ја контролираат природата. Арогантно е да се мешаш во работата на природата. Тоа и ни ги има создадено проблемите. Зарем никој не го сфаќа тоа? Повеќе од 90 посто од сите видови кои некогаш живееле на оваа планета се истребени. Не сме ги убиле сите. Едноставно исчезнале. Тоа е она што го прави природата. Во наше време дневно изумираат околу 25 видови, и тоа без оглед на нашето влијание. Значи, без оглед како ние се однесуваме кон Планетата, 25 видови се сега тука, а утре ги нема.

Па, оставете ги барем да заминат достоинствено. Оставете ја природата на раат, зарем веќе не сме направиле доволно? Толку сме саможови што сметаме дека секој од нас нешто ќе спаси: Спасете ги дрвјата! Спасете ги пчелите! Спасете ги китовите! Полжавите! А нашата најголема ароганција е - да ја спасиме Планетата! Некој ме зафркава? Да ја спасиме Планетата? Ние уште не знаеме ни за себе да се погрижиме, ниту едни за други, а ете сега ќе ја спасуваме ебената Планета? Како не се заморувате од ова срање? Ме утепаа со тој ебен Ден на земјата, умирам од толку праведници кои се грижат за заштитата на околината, од тие бели буржујски либерали кои мислат дека единственото нешто кое не е во ред со оваа земја е тоа што нема доволно велосипедски патеки. Луѓето се обидуваат да го направат светот посигурен за своите Волво автомобили.

Таквите поборници за заштита на околината ги заболе за Планетата. Знаете што ги интересира нив? Чисто место за живот, нивен личен хабитат. Тесниот, самодоволен интерес не ме импресионира. Значи, треба конечно да се сфати дека на Планетата не ѝ е ништо. Планетата е во ред! Луѓето се за никаде! Во однос на луѓето на планетата ѝ е супер! Тука е веќе четири и пол милијарди години. Ние сме тука - колку - стотина илјади години, можеби две стотини илјади години?

А тешката индустрија ја применуваме само нешто повеќе од 200 години. Значи, тоа е 200 години наспрема четири и пол милијарди години. И некако сме се увериле дека ние сме голема закана, дека можеме да ја загрозиме оваа преубава сино-зелена топка, која плови околу Сонцето. Планетата доживеала многу полоши работи од нас. Доживеала земјотреси, ерупции на вулкани, поместување на тектонски плочи и гребени, влијание на сончеви дамки, магнетни бури, промена на магнетни полови, стотини илјади години бомбардирање со комети, астероиди, метеори...минала низ глобални поплави, цунами, пожари, ерозии, космичко зрачење, ледено доба...А ние мислиме дека малку пластични ќеси и алуминиумски конзерви ќе направат некаква страшна штета? Планетата нема да оди никаде! Ние ќе исчезнеме! Ние заминуваме! Пакувајте се, луѓе, одиме! Уште полошо, ние по себе нема да оставиме некоја претерана трага. Можеби нешто стиропор. Можеби.

А ние одамна ќе бидеме бивши, уште една неуспешна мутација, уште една завршена биолошка грешка, еволуциски абортус. Планетата ќе нè истресе како првут, како површинска непријатност. Знаете како е Планетата? Прашајте ги оние 'манекени' кои илјадници години се замрзнати во санти мраз, прашајте ги трагите во вулканската пепел. Или прашајте ги оние луѓе кои живеат на Хаваите, што изградиле куќи на активни вулкани, па се прашуваат зошто лавата им влегува во дневна. Планетата уште долго, долго време ќе биде тука откако нас ќе нè снема. Сама себе ќе се излечи, сама себе ќе се прочисти, затоа што тоа е она што таа го прави. Планетата е самокорегирачки систем. Вoздухот и водата ќе се опорават, земјата ќе се обнови, а ако е вистина дека пластиката не е разградлива - па тогаш Планетата ќе ја стопи пластиката во некој нов материјал земја+пластика. Затоа што Земјата не ги дели нашите предрасуди кон пластиката. И таа дошла од земјата, а Планетата ја гледа како уште едно свое дете.

Можеби единствената причина зошто земјата ни овозможила да постоиме е токму тоа - да ја создадеме пластиката, која таа ја сака за себе, а не знаела како да ја направи, па ние сме ѝ затребале. Тоа би можел да биде одговорот на вековното филозофско прашање: Зошто сме тука? Заради пластиката, будали! Ете, пластиката е тука, па нашата работа е завршена. Мoжеме да бидеме отстранети. И сметам дека тоа веќе почнало. Да бидеме фер, Планетата нè гледа само како мала непријатност, нешто со што ќе може да се носи.
Сигурен сум дека Планетата знае да се брани. Што би направиле вие да сте на нејзино место, да се обидувате да се одбраните од еден досаден сој кој само ви носи неволји?

Да видиме: хм, вируси? Вирусите би можеле да бидат добри, затоа што изгледа дека видот е осетлив на вируси. А вирусите се препредени, ја менуваат формата, мутираат штом се развие вакцина. Можеби првиот вирус ќе биде оној кој ќе го доведе во прашање имунолошкиот систем, што ќе ги остави без заштита во однос на секаквите болештини. Можеби тој вирус ќе се шири преку сексуални односи? Тоа ќе ги одбива од активна репродукција. Звучи познато, зарем не? Јас мислам дека сме дел од нешто несогледливо, некој повисок ред, или кажете го тоа како сакате. Знаете како го викам јас тоа? Големиот Електрон! Големиот Електрон не се секира, не се наградува, не се осудува - само постои. Како и ние. На некое време.

25 јули 2012 - 09:25