Списанието Ајдлер (Idler) доделува награда за граматички најлошо напишан текст, The Bad Grammar Award, која оваа година ја доби никој друг туку сто британски професори од врвни универзитети, кои напишале граматички некоректно писмо до секретарот за образование Мајк Гов, парадоксално обвинувајќи го дека неговите реформи му штетат на образованието. Една од грешките која им се припишува е реченицата „Голем дел од материјалот бара премногу премладо" (Much of it demands too much too young), која и на македонски звучи глупо.
Наградата сака да потсети на вредности, кои наводно еродираат под притисокот на новите медиуми, затоа што тие ја жртвуваат граматичката софистицираност во име на брзината и динамичноста. Промените може да не се екстремни и видливи, но полека предизвикуваат еволуција на пишаното.
Една од почесто троланите граматички грешки на нашите социјални мрежи е пишувањето на негација заедно со глагол (незнам, неможам), кое стана неформален филтер за разликување на две категории луѓе - писмени и неписмени. Но ако доволно долго дури и на зафрканција пишуваме љубов со Ф, кој знае, на крај можеби тоа ќе ни прејде во навика, и така и ќе остане. Дали тоа ќе биде крај на светот, или само еволуција на јазикот, кој во еден момент се предава и се прилагодува на животот, ако веќе овој не сака да му се прилагоди нему?
Но ако заради ништо друго, граматичката коректност се исплати заради ова: истражување спроведено во 2009 од сајтот OkCUpid, кој анализирал 500,000 први контакти меѓу членовите, забележало интересен тренд: лошата граматика и правопис имаат негативен ефект врз вашата посакуваност за партнер. Со други зборови - писменоста е секси! Најголеми убијци на страста во нивниот случај биле ur (наместо your), u наместо you, и cant наместо can't. Присуството на еден навидум обичен апостроф може да направи голема разлика, па така оние пораки кои го користеле (како во don't или won't) добивале повеќе одговори од просекот (36-37%).
Помислете на ова следниот пат кога ќе исмевате некого кој става акцент на è и ѝ, дури и во твит. Можеби тој, а не вие, ќе се смее последен.