Вредноста која ѝ се придавала на писменоста се менувала низ историјата. Ако некогаш да се знае да се чита претставувало морален императив и знак за вложување во себе и во иднината, денес тоа е неопходно за човек да биде продуктивен и воопшто да функционира во модерната економија.
Глобално истражување на писменоста: на едниот крај се наоѓаат Јапонците, на дното Италијанците. На Американците им е драго што не се најглупи како што ги бие глас. Нас нè нема (не бидете малодушни, само не сме биле опфатени)
На денешниот празник, да ги испитаме малку границите на писменоста. Дали таа е догма, или помеѓу неа и очигледната неписменост има простор за малку лежерност. Дали, ако за ништо друго, да си писмен се исплати затоа што тоа е - секси?
Француската рекламна агенција DDP Paris неодамна доби Жолт молив (високо признание кое го доделува Клубот на британски дизајнери и уметнички директори) за кампања за промоција на писменоста и внимателното читање. Сигурни сме дека рекламите прво ќе ве збунат.