Родена во 1899, Марија Јудина студирала клавир на конзерваториумот во Санкт Петерсбург (во тоа време Ленинград), во иста генерација со младиот Шостакович (подолу сликани заедно). Спротивставувајќи му се на атеизмот наметнат од државата, таа била посветена христијанка, која храбро носела крст додека настапувала, и сметала дека музиката е највисока форма на фалење на Бога. Шостакович изјавил дека „таа секогаш свирела како да држи проповед“.
Јудина исто така правела паузи во текот на концертите за да чита поезија од писатели на „црната листа“ на властите, како Пастернак. Од време-на време ѝ било забранувано да настапува, и никогаш не ѝ било овозможено да свири надвор од земјата.
Една вечер во 1944 Сталин слушал радио, кога случајно налетал на Јудина како го свири Моцартовиот концерт за пијано бр. 23. Водачот бил воодушевен, и побарал копија од изведбата. За жал концертот одел во живо, и радиото немало снимка, но тоа никој не смеел да му го каже на Сталин. Среде ноќ ја разбудиле Јудина, бил најден диригент и мал оркестар, и почнале со снимање. Диригентот бил толку збунет што постојано нешто грешел, па нашле втор, но ни тој не можел да се справи со притисокот. На крај третиот завршил работа. Низ сиот тој хаос, Јудина останала сосема прибрана.
На крај, в зори, концертот бил снимен и една единствена снимка му била испратена на Сталин. За среќа тој не ја забележал разликата со претходната изведба.
Наскоро Јудина добила писмо од него со 20,000 рубли, како награда за музичкото задоволство што му го пружила. Таа му одговорила со следново:
„Ви благодарам за помошта. Ќе се молам за вас дење и ноќе и ќе барам од Господ да ви прости за сите гревови кон народот и кон вашата земја. Тој е милосрден и ќе го стори тоа. Ќе ги донирам парите во црквата кадешто одам“.
Сталин наводно го прочитал писмото пред неговите најблиски соработници, кои мислеле дека веднаш по читањето ќе издаде налог за нејзино апсење. Но Сталин не рекол ништо. Легендата вели дека додека бил на смртна постела, токму овој концерт на Моцарт свирел на грамофон во близина.
Јудина го надживеала за 17 години, и починала во 1970. Нејзиниот гроб во Москва е место кое го посетуваат бројни нејзини обожаватели.