Битлси прв пат го сретнале Дилан во август 1964. Легендата вели дека тој ги запознал со марихуаната и им отворил нов поглед кон пишувањето песни. Мекартни изјавил дека од тогаш Боб станал нивен најголем херој. „Се чувствував како да се искачувам по спирални скали додека зборував со него“, додал тој.
Следниот албум на Битлси по овој настан, „Рабер соул“, означил влегување во водите на фолк-рокот и поинтроспективни стихови од дотогашните. Но наместо Дилан да се гордее со ваквото влијание, тој бил цинично настроен кон Британците. Во една прилика изјавил дека „Норвешка шума“ е толку слична на неговиот стил, што направил и пародија на песната. Се викала „Четврто враќање“ и звучела како намерно исмевање на Џон Ленон.
Aко добро се заслушате, на крајот од песната Боб оставил и кодирана порака за својот колега. Знаејќи дека како негов голем фан сигурно ќе ја забележи, тој во последните два стиха вели: “I never asked for your crutch, Now don’t ask for mine” - „Никогаш не ја побарав твојата штака, не ја барај мојата“, што Ленон го прикажува како креативен „инвалид“, кој се служи со финтите на интелектуално супериорниот Дилан.
Да не беше убиен во атентат во 1980, Ленон оваа година ќе полнеше 80. Дилан е само една година помлад од него, но во меѓувреме стана Нобеловец и богами не изгледа дека му треба штака. Сепак, истовремено не стана нешто понежен кон јавноста и кон своите колеги.
„Критичарите ме кудат уште од прв ден. Велат дека не знам да пеам. Дека крекам како жаба. Зошто не го велат тоа за Том Вејтс? Велат дека немам глас. Зошто не го кажуваат истото за Леонард Коен? Зошто добивам специјален третман? Критичарите велат дека не знам да истерам мелодија туку зборувам наместо да пеам. Стварно? Не сум слушнал да го викаат истото за Лу Рид“, изјави тој во 2015 кога беше награден на хуманитарен настан.