Во Австралија се прикажува реално шоу во кое четири семејства треба успешно да одгледаат пчелина кошница и притоа тие, и публиката, да научат нешто на темата. Во една од епизодите водителот-експерт ги учи да разликуваат европска и домородна австралиска уметност. Не учесниците, пчелите.
Можеби ваквиот опис е претеран, но во секој случај експериментот покажува колку бргу пчелите учат да процесираат комплексни информации. Ним им биле покажани четири различни слики од францускиот импресионист Клод Моне, и четири од австралиски домороден уметник Нонгирна (како и да се транскрибира Noŋgirrŋa) Маравили. Во центарот на секоја слика била ставена мала сина точка, врз која на сликите на Маравали била капната зашеќерена водичка. На сината точка на сликите на Моне, пак, пчелите наоѓале капка растворен кинин, кој не е штетен но горчи.
Откако ги поминале и едните и другите слики, на пчелите им бил направен тест. Им биле покажани други слики од истите автори, но кои ги немале видено претходно. Сите пчели без колебање тргнале кон оние на Маравали, препознавајќи му го стилот и очекувајќи ја шеќерната водичка.
Експериментот изведен во емисијата е повторување на сличен, изведен на Универзитeтот во Квинсленд, во кој тимот обичил пчели да ја препознаваат разликата помеѓу Моне и Пикасо.
Ова покажува колку бргу пчелите учат и класифицираат визуелни информации, а тоа во контекст на спомнатите сликари се различните композици, структури и тонови - односно нивните стилови. Иако понекогаш е тешко да се објасни што точно е различно во сликите на уметник А и уметник Б, пчелите очигледно инстинктивно го препознаваат, откако биле истренирани врз принцип на награда.
Единственото што можеме да го пресликаме како поука во човечкиот свет е истото разликување на часови по ликовно да се тренира со чоколатца. Одеднаш што е тоа „стил“ ќе стане појасно.