Еден од можните одговори на тоа што има древниот Рим направено за жителите на Европа, ама не баш во позитивен клуч, според нова студија е широко распространетиот когнитивен пад на неговото население. Тоа било предизвикано од огромни количества загадување од олово - последица на металната индустрија, која во времето на стариот Рим придонело за зајакнување на империјата.
Истражувачите велат дека експанзијата на рударството и процесирањето на металните руди предизвикале загадување на воздухот низ целата Империја, што резултирало со пад на IQ-то во речиси цела Европа. И проблемот не е само во географското, туку и во хронолошкото влијание, кое резултирало со оштетување на човечкото здравје во тек на цели два милениума.
Римските лекари биле свесни за опасноста од труењето со олово, но металот сепак бил широко користен за водоводни цевки и садови за готвење, како и во козметиката и производството на играчки. Металот бил и конзумиран откако Римјаните откриле дека сирупите кои содржат олово помагаат да се конзервира и засладува вино.
Контаминираната храна и виното веројатно повеќе ги погодувале високите класи, но целата популација вдишувала олово од големите рудници и топилници низ царството, со оглед на тоа што тоа е нуспроизвод на рафинериите на сребро и злато.
Доктор Џозеф МекКонел од Истражувачкиот институт Дезерт во Невада и неговите колеги анализирале ледени наслаги до кои се дошло со дупчење на Арктикот. Тие обезбедиле хронолошко следење на атмосферските концентрации на олово од 500-тата пред наша ера до 600-тата од наша ера. Порастот започнува околу 15-тата п.н.е. со подемот на Римската империја. Нивоата останале високи до почетокот на опаѓањето на Пакс Романа, 200 годишен период на релативен мир и просперитет кој завршил во 180-тата година. Во тој период империјата испуштила повеќе од половина милион тони олово во атмосферата.
Со оглед на тоа што оловото е невротоксичен, истражувачите претпоставиле дека тоа би играло улога по здравјето, а меѓу другото и по коефициентот на интелигенција на децата. Во просек нивото на олово во нивната крв на врвот на моќта на Римската империја можело да биде 2.4 мигрограми по децилитар, што во просек можело да ја намали нивната интелигенција за 2.5 до 3 поени. По некои проценки во Римската империја живееле повеќе од 80 милиони луѓе, што значи дека четвртина од светското население можело да биде изложено на труење со олово генерирано од рударење и топење. Ефектите биле толку страшни, што ова би можело да биде и еден од елементите пресудни за падот на Римското царство.
Останува епидемиолозите во соработка со археолозите и историчарите да одредат дали нивоата на оловно загадување биле навистина доволни за да ја променат историјата. Следен период кога тие повторно пораснале била индустриската револуција и користењето на фосилни горива, вклучително и автомобилските, кои долго време содржеа олово.