На 6 декември 1876, полицаец кој патролирал по Шанзелизе наишол на господин во јавно ВЦ, во незгодна поза со 18-годишен работник. Излегло дека станува збор за познатиот католички политичар Еуген де Жермини, бастион на реакционерната десница, кој остро ги критикувал секуларните тенденции на власта и промовирал општество засновано на семејство, религија и враќање на монархијата.
Медиумите веднаш скокнале, напаѓајќи ги двојните стандарди на Жермини. И покрај неговата бледа одбрана, дека станувало збор за „истражување“, тој станал магнет за сеир и сатира. Писателот Гистав Флобер го опишал скандалот како „утеха која ја поттикнува волјата за живот“. Жермини бил затворен, а по ослободувањето заминал во егзил.
Полицискиот извештај за аспењето на Жермини е само еден од десетиците артефакти кои сочинуваат мала но фасцинантна изложба која ја истражува тајната историја на париските јавни тоалети. Организирана од фотографот Марк Мартин, таа е истовремено приказна за хигиена, цензура и секс, која до сега главно не е раскажана. Од фотографија на славниот сликар Дега кој излегува од еден ваков тоалет (долу), до таква на Бресон на која е прикажан американскиот писател Чарлс Хенри Форд како си го затвора патентот, таа содржи докази дека дури и уметниците мора некогаш јавно да се олеснат.
Историски, почетокот е во раниот 19 век, кога Париз бил познат по смрдеата и револуционерната атмосфера. Улиците биле преполни со ѓубре и со коњски измет, а сите вршеле нужда на отворено. За да го среди ова, градскиот префект Рамуто наредил конструкција на colonnes vespasiennes - издолжени (фалусовидни?) структури со вградени цевки за одвод кои им овозможувале на Парижаните (=на мажите) да уринираат со релативно достоинство. За жал остатокот од населението немало ваква можност: иако постоела идеја за конструирање на нешто слично за жените, на крај излегло дека тие би заземале премногу место. Парижанките ќе добијат ваков „луксуз“ дури по повеќе од еден век.
Подоцна ваквите јавни тоалети добиле посложена архитектонска форма, и станале редовна глетка на париските булевари. Нивната примарна функција додуша била заменета со други потреби. Релативната приватност која ја овозможувале им давало шанса на париските геј мажи за малку интимност. Секако, ова предизвикало реакции од страна на поконзервативните жители, кои ги нарекле овие места „дувла на разврат“ и „дамка врз репутацијата на градот“.
И покрај тоа, контролата врз нив била невозможна, и токму тука никнувале езотерични субкултури - пишувачи на графити, и бизарни примери на таканаречени soupeurs, луѓе кои според урбаните легенди (ако во моментов појадувате - прескокнете!), топеле тврд леб во мочката и потоа го јаделе.
Но писоарите одиграле најзначајна улога во текот на германската окупација, каде се собирале француски, американски и германски војници за просто да се олеснат, но и каде разменувале пораки и инструкции припадниците на движењето на отпорот.
Од 1960 натаму овие јавни тоалети се затворени а останува уште само еден, пред затворот Ла Санте. Оваа изложба покажува како еден навидум небитен дел од градската архитектура може да има големо историско значење.
Изложбата е поставена во Париз до денес, 5.12, по што патува во музејот Лесли Ломан во Њујорк.