Оскарите погледнати низ очите на еден етнолог

Кога ќе се спомне „фолклор“ обично се мисли на луѓе во народни носии кои играат пајдушко. Ама ако тие носат познати модни брендови, ја пеат „Шелоу“, и веруваат во Оскаровска клетва, тоа пак е фолклор.

Доделувањата на етаблирани и престижни награди имаат карактеристики на ритуали: повторливи се, се одвиваат според утврден протокол и одразуваат верувања и заеднички интереси на одредена заедница. Ова, како и фактот дека вон формалниот дел околу нив се плетат уште куп верувања и обичаи, ги прават Оскарите многу интересна тема за етнолозите и фолклористите.

Можеби не се сите филмаџии суеверни, но кога станува збор за Оскарите една забрана важи за сите: кажувањето на зборот „Оскар“ пред манифестацијата ги намалува или укинува шансите да се биде награден. Има номинирани за кои се тврди дека со месеци пред настанот го одбегнуваат, па дури и се параноични дека некои новинари можеби ги местат, за тие во интервјуа да се „слизнат“ и така да ѝ дадат предност на конкуренцијата.

Уште едно верување вели дека ако си добил еден Оскар, шансите за следен се скоро никакви, и тоа заради тн. Оскар џинкс, или проклетството на Оскарот. Во оваа категорија е на пример Тимоти Хатон, кој на возраст од само 20 години го доби признанието за најдобра машка споредна улога во „Обични луѓе“ (1980), но од тогаш му се нема ни приближено. Истото важи и за Ф. Мареј Ejбрахам, кој доби Оскар за неговата улога на Салиери во „Амадеус“ (1984). Потоа се појави во уште 50 филмови, но никогаш не доби ни номинација, а камо ли награда.

Сепак, има и нешто полошо - „Оскаровската љубовна клетва“, според која жените добитнички на награда од Академијата доживуваат разводи, раскини и несреќни љубовни врски откако станале лауреати. Списокот е прилично обемен, а ги содржи, меѓу другите Хали Бери, Анџелика Хјустон, Рејчел Вајс. Секако, има и исклучоци од обете проклетства (Мерил Стрип), но тие обично се прескокнуваат, како „гличови“ во инаку прецизниот и непогрешлив систем.

Фолклорот врши неколку важни општествени функции - служи за забава, образование и зајакнување на чувството на заедништво на групата која го негува. За разлика од вообичаеното, стереотипно сфаќање, за да има „фолклор“ не мора да има баби во народни носии кои пеат домородни песни. Тие можат да бидат облечени и во Версаче и да пеат нешто од A Star is Born. 

Извор

24 февруари 2019 - 13:12