Кампањата за поставување на статуата која до сега има собрано повеќе од 60,000 фунти, е иницирана од Меморијалната фондација „Орвел", и неа ја поддржуваат и познати имиња, како актерот Роуан Аткинсон, новинарот и телевизиски водител Џон Хамфрис и синот на Орвел, Ричард Блер. Но кога идејата била презентирана пред моменталниот генерален директор на Би-би-си, Марк Томпсон, тој ја отфрлил со образложение дека е „премногу левичарска".
Откако се кренала џева во јавноста, компанијата испратила официјално соопштение, во кое како причина за одбивањето се наведува сосема друга, практична причина - дека пред самата зграда, каде би требало да стои статуата на Орвел, веќе има друго уметничко дело, вградено во тротоарот, но дека тие немаат против таа да биде лоцирана некаде во близина.
Мартин Џенингс, скулпторот кому му е доверена изработката на статуата дал интересно образложение на ситуацијата: „Џорџ Орвел се смета за нешто како светец-заштитник на политичкото новинарство, па неговото присуство близу Би-би-си би можело да биде некој вид инспирација за сите независни радиофифузери".
Но самиот Орвел веројатно не би бил разочаран што споменикот нема да му биде баш пред зградата на Би-би-си туку нешто подалеку - тој по само двегодишна работа поднел оставка во која напишал дека на работното место „го губи времето и ги троши јавните пари за нешто што не дава никакви резултати". Освен тоа, се смета дека просторијата за мачење во романот 1984., Соба 101 во Министерството за вистина, каде затворениците се изложени на нивните најстрашни кошмари, е именувана според конференциската соба 101 во Би-би-си, каде Орвел често седел во текот на состаноците. Па, не е ни чудо што не го сакаат неговиот лик пред очи.