Фондацијата Орвел, Орвеловата награда и издавачот на авторот Пингвин оваа година на 21. јануари почнаа со организација на Ден на Орвел, кој би требало да се одбележува годишно во слава на еден од највлијателните автори на дваесетиот век. Прославата вклучува целомесечна радио програма, бесплатна дистрибуција на славниот есеј од 1946 „Политиката и англискиот јазик", како и традиционалното доделување на Орвеловата награда, која од 1993 се доделува за најдобра книга, новинарска статија или блог на политички теми.
Но што ако Орвел не умреше од туберклоза во 1950? Што ако едноставно си станеше од креветот во Универзитетската болница во Лондон, си ја земеше рибарската трска која му ја донел некој пријател на подарок и си излезеше од таму? И што ако по некое чудо ја доживееше 2013? За што ќе пишуваше?
На многу начини Орвел денес е поактуелен од секогаш. „Големиот брат" е реално шоу, а „орвеловска" е втора придавка поврзана со литература според прекумерното користење, веднаш после „кафкијанска". За 1984-та и да не зборуваме...Оттаму тој најверојатно би продолжил да ги коментира современите политички и економски случувања, низ призмата на потенцијалните опасност од тоталитаризам, и во владеењето, и во јазикот.
Адам Сток, истражувач на ликот и делото на Орвел, кој има докторирано на него вели: „Да беше жив денес Орвел сигурно ќе пишуваше за нерамноправноста, неправедноста и ќе се залагаше за она што тој го нарече 'демократски социјализам', а сакам да верувам дека во овој момент тој особено би се ставил во одбрана на социјалната држава“.
Но Сток укажува на уште една, неочекувана можност, а тоа е Орвел денес да пишува најмногу за - храната! „Орвеловите романи се полни со живописни описи на вкус, допир и особено мирис. Конзервираната и обработена храна (читај: брзата храна) е нешто кое постојано се појавува во неговата фикција, и симболично ја претставува негацијата на различноста и индивидуалноста, процес кој ги отсликува политичките обиди луѓето да се приклонат кон одредени идеолошки визии на светот во 1930-тите и 1940-тите". Тој се залагал за живот на село и одгледување сопствена, еколошки исправна храна (наместо некакви сомнителни виршли кои имаат вкус на 'скапана круша' кои ги опишува во романот „Земање воздух" од 1939), а како за Британец разбирлива е и неговата опсесивност кон чајот, чиј начин на подготовка ја има детално опишано во есејот „Убава шоља чај".
Негативната утопија на Орвел се однесува и на другите сетилни задоволства, на пример сексот, и неговата „комодификација" - негово претворање во обичен производ кој се купува и продава на секој чекор. Џулија, главната хероина на 1984., работи за Порносек, фирма која произведува евтина порнографија и ја дистрибуира помеѓу обичниот народ. Да беше и таа жива денес веројатно ќе беше уредник на „50 нијанси сиво", и исто така ќе можеше да изјави: „Ова е ѓубре. Досадни се. Има само шест заплети, и само ги вртат истите." Сепак, денешните феминистки не сметаат дека Орвел е прото-феминист и дека зад ваквите описи стои некакво залагање за женските права, туку дека едноставно тоа се вклопува во неговата поширока визија за капиталистичката комодификација на човечкото искуство.
Но ако нешто биде препознатливо во 2013, кое Орвел ама ич не мора да се труди да го прилагоди, тоа е следниов цитат од 1984: „Постоеа цели синџири на оддели кои се занимаваа со пролетерска литература, музика, драма и забава. Тука произведувавме петпарачки весници кои не содржеа ништо друго освен спорт, црна хроника и хороскопи, сензационални текстчиња, видеа полни со секс и сентиментални песни компонирани од машини".
А можеби сепак e жив.