Оперскиот оркестар Метрополитен се смета за еден од најдобрите во светот. Основан во 1883, тој во текот на 33-неделната сезона во Њујорк има претстави седум дена во неделата, а репертоарот се состои од дури 26 опери. Тосканини, Густав Малер, Бернштајн, Мехта, Абадао, Карајан..сите тие диригирале со МЕТ. Сепак, и покрај сета традиција и слава, оркестарот во последно време се соочува со финансиски проблеми. Намалувањето на продажбата на билетите и изворите на спонзорства водат до укинување на некои работни места.
Сега, среде преговорите на синдикатите и раководството, младите инструменталисти на МЕТ почнаа да ја полнат постоечката веб страница со информации, профили на членовите и фотографии кои нудат свеж поглед во работата на оваа институција, и да ја откриваат човечката приказна за она што на сцената делува како куп луѓе кои роботски интерпретираат музика. Истовремено се овозможува поглед зад сцените, на пример како изгледа една вообичаена аудиција за нов член (како во случајов, кога од 208 кандидати морало да се избере еден), а на новата и млада публика ѝ се нуди интерактивен квиз за да може полесно да одлучи со која опера да почне. Едно од прашањата е - какви мелодии сакате? Такви кои можете да си ги х’мкате по пат или храбри и со многу лим?
Ваквиот напор за подигнување на јавната свест за она што го прават музичарите, и воопшто за класичната музика, е за поздравување, иако многумина велат дека не требало да се чека на криза за да се случи ова. Освен сајтот оркестарот сега има и твитер профил @METROorchestra. На сајтот понекогаш објавуваат и сатирични текстови во стилот на Onion, или такви во стилот на Humans of New York, каде се објавуваат лични приказни на њујорчани. Во верзијата на оркестарот таа рубрика се вика Humans of Met, а текстот ја раскажува приказната на брачен пар во секцијата први виолини.
Членовите на оркестарот сега почнуваат да копаат по нивните предмети и фотографии за да најдат нешто интересно за објавување. Една виолистка наишла на забелешка од нејзина претходничка во нотните записи: watcha da mice! (буквално: пази на глувчето) - потсетник да внимава на маестрото при еден потежок премин. Друг пак во нотите за кларинетскиот дел од „Паљачи" од 1912 наишол на белешка напишана со молив која вели дека големиот тенор Енрико Карузо му дал по пет долари на секој член на оркестарот за Божик. „Каков човек", напишал почастениот кларинетист.
Кога при последниот концерт еден од изведувачите почнал да им дели флаери на присутните рекламирајќи го новиот сајт, прашал некој човек дали му се допаднала операта. „Операта ми го спаси животот", изјавил човекот. Даниел МекКоган му раскажал дека во 2012 тој и неговите синови биле заробени во бура додека се качувале на планина во Вашингтон и дека единственото нешто што можеле да го слушат на радиото кое го носеле со себе бил преносот на Вердиевата „Травијата" во изведба на МЕТ. До тогаш тие никогаш не биле на опера, но си ветиле дека ќе го сторат тоа ако преживеат. Сега нивната приказна е исто така дел од сајтот.
Бонус: инфографик за тоа како се прават писките за дувачките инструменти објавен на страницата