Сај де Врај како дете растел со стока во големите низини на Небраска. Сепак, нешто го влечело кон авантурите и големите градови. Неговото прво подалечно патување се случило во 1888, кога умрел чичко му, Херман Де Врај, надзорник на чикашкиот Линколн парк.
Кога пристигнал на улиците на Чикаго сè било ново, шарено и бучно. Де Врај решил да остане засекогаш, наоѓајќи си работа како ѕидар токму во паркот. Ова место во минатото било гробишта за сиромашните од градот, а дека тоа било така станувало очигледно при големи дождови, кога стари борови сандаци почнувале да испливуваат од земјата. Уплашени од можна зараза на водата, властите наредиле целата таа територија да биде трансформирана во парк. Њујорк по тој повод му подарил два пара лебеди на Чикаго. И ова ги поттикнало градските власти тука да изградат зоолошка.
„Зоолошката“ тогаш била повеќе импровизирано живеалиште на случајно присобрани животни, ставени во кафези, вклучувајќи „два бизона, четири морски прасиња, три лисици и две верверички“. Со оглед на своето искуство со животни, Де Врај ги убедил надредените дека може да работи како помошник во зоолошката. Во следната деценија таа пораснала како џунгла, а тој бргу се искачувал во хиерархијата, за по некое време да стане главен чувар. По негова иницијатива, кафезите биле сменети со современи живеалишта, а била создадена и добро одбрана менажерија на егзотични ѕверови. Еден од неговите изуми бил систем кој овозможувал чуварите да отворат внатрешен кафез и да ги пуштат животните во надворешен кафез. Денес ова е вообичаено, но тогаш била иновација која ги инспирирала зоолошките низ цел свет.
Де Врај бил постојано со животните, а на неколку пати бил и тешко повреден. Најсериозниот инцидент се случил во 1901 кога лавот Лео му го одгризал показалецот. Кога му кажале дека раната толку се инфицирала што најверојатно ќе треба да му се ампутира цела рака, тој се депримирал што нема да може веќе да работи. Зел пушка, си ја вперил во глава и пукнал.
За чудо - преживеал. Ситуацијата имала последици по неговото психичко здравје, а вереницата го напуштила. Но на Де Врај очигледно не му било пишано да застане тука.
Кога слонот во зоолошката фрлил ѓубре врз некоја посетителка, Де Врај како извинување ѝ направил лична тура. Двајцата се бендисале, и набргу се зеле. Во годините кои следеле Де Врај си нашол и ново хоби - ги заштитувал жените во паркот од манијаци. Под „заштитувал“ се подразбира дека ги фаќал и убаво ги млател за веќе да не им текне да се вратат. Но еден од нив го тужел за напад, а ова се поклопило со желбата на градот да се ослободат од својот ексцентричен службеник. Го суспендирале Де Врај а и покрај тоа што биле собрани 50.000 потписи од жителите на Чикаго на кои тој им бил омилен чувар, зоолошката решила да го отпушти. Следела понуда да работи во зоолошката во Лос Анѓелес, каде имал намера да направи некаков прото-Дизниленд. Но плановите не се оствариле, а тамошните жители не биле ни од далеку толку заинтересирани за зоолошка како форма на забава.
Почнала Првата светска војна, а со тоа и тешки времиња. Не се снимале веќе ни толку филмови во кои зоолошката би можела да изнајмува животни. За животот на нашиот јунак по 1920-тите не се знае многу. Но она по што би требало да биде запомнет е начинот на кој ја популаризирал љубовта кон животните, со атрактивни јавни настапи и користејќи креативен пи-ар.
Извор - подкаст Наративли