Се сеќаваме на приказната и на цртаниот, и на тоа колку многу плачевме на тажните моменти за слончето со преголеми уши. Оригиналот, на авторката Хелен Аберсон од 1930-тите, најпрвин била замислена како сликовница, а илустрациите требало да ги направи нејзиниот сопруг. Сепак, не се работело за стандардна книга, туку за нешто невидено во тоа време - кутија во која бил сместен долг свиток. Тој се вртел со притискање копчиња на кутијата, што активирало вртење на следната слика односно на текстот.
Биле изработени два или три прототипа, но пред воопшто да влезат во производство идејата за приказната била продадена на компанијата Дизни, која ги откупила сите авторски права, вклучително и оние за книги. Тие го произвеле првиот цртан филм за Дамбо во 1941.
Концептот за „скролачката“ книга бил замислен од еден рекламент агент од Сиракјуз, Еверет Витмир, кој бил познат како „човекот-идеја“. Тој аплицирал за патент во 1938, кој му бил доделен следната година. Велел дека неговиот пронајдок може да се карактеризира како книга, иако содржи и сосема нови опции на механичко заменување на еден „слајд“ со друг. За оригиналните илустрации да можат да се сместат во ваквиот формат морала да биде ангажирана и друга илустраторка која ги прецртала сликите и додала и некои свои видувања. За жал ништо од овие цртежи не завршило во првиот филм, ниту пак некогаш биле искористени во книга.
Аберсон, која починала во 1999, цел живот била горда на своето дело, кое според нејзиниот син метафорично зборувало и за нејзиниот тежок живот, како дел од првата полско-еврејска генерација која мигрирала во САД.
Првиот „Дамбо“ заработил повеќе од 1 милион долари. Ова го спасило Дизни од финансиска пропаст заради штрајкот на аниматорите од 1941, како и губењето на европскиот пазар заради Втората светска војна. Новиот филм на Бартон комбинира компјутерски генерирани сцени со играни, и барем според трејлерот дава нова свежина на прекрасната приказна. Глумат Ева Грин, Колин Фарел, Мајкл Китон и Дени де Вито.