Опсесивниот ловец на плагијатори кои пишуваат на германски

Стефан Вебер има уништено кариери на политичари и интелектуалци, па дури има и создадено вносен бизнис во својот поход да им стави крај на кражбите на идеи и текстови.

Стефан Вебер е австриски професор по комуникации и самопрогласен детектор на плагијати. Другите го нарекуваат „ловец“, а тој самиот себеси „зависник“ од ваквите потраги. Без оглед како ќе го наречеме, во германските говорни подрачја и во професионалните области каде титулите се знак за повисока интелектуална и социјална припадност, тој им влева страв во коски на професори, политичари, славни личности и уште куп други потенцијални престапници.

До сега тој има сосема прекинато кариери на неколкумина, а на многу поголем број луѓе им го има загорчено животот. Нешто што почнало како хоби сега е развиен бизнис, со пет фриленс „соработници“, кои работат со него во детектирањето на последици од мрзливост, невнимателност или свесна измама.

Неговата најнова цел е Аналена Бербок, кандидатката на Зелената партија, која би требало да ја замени Ангела Меркел како германски канцелар по изборите овој месец.

51-годишниот Вебер, кој започнал со она што ќе стане негова животна опсесија уште во 2005, самиот бил жртва на плагијат од германски теолог, Јоаким Фелс, кој се вадел со тоа дека тоа што делото на Вебер не било соодветно спомнато во неговата докторска дисертација било резултат на уредничка грешка. Наивно мислел дека со тоа ќе го реши проблемот, но изгледа не знаел со кого си има работа.

Жалбата на Вебер веднаш поттикнала универзитетска истрага, која утврдила дека 86% од првите 100 страници на дисертацијата на Фелс била плагијат на неговото дело. Измамата станала медиумска сензација, а на Фелс му била одземена докторската титула.

Во годините кои следеле, вооружен само со комерцијален софтвер и со речиси фотографска меморија, Вебер почнал да испитува и други, често проминентни фигури, како спомнатата потенцијална идна канцеларка.

Вебер ја поминал нејзината новоиздадена книга, „Сега. како да ја обновиме нашата земја“ низ програми за детекција на плагијати. Пронајдени се најмалку 12 пасуси речиси идентични со други извори. Вебер ги објавил наодите на својот блог, и дал интервјуа во Германија и Австрија. Почнале и шпекулации дека истражувањето на Вебер било финансирано од десничарски партии, а и дека стандардите за дисертации не се применливи за кратка есеистичка книга напишана од политичар.

Сепак, оваа епизода според Вебер го засилила јавното мислење за Бербок како „сомнителна и небрежна“. Иако таа водеше во анкетите кои беа спроведени минатата пролет, од тогаш поддршката за неа опадна за 20 проценти, иако скандалот со плагијатот секако не беше единствен фактор.

Критичарите го опишуваат Вебер како „крстоносец“ кој без да трепне влегува во костец со интелектуални „величини“. Тоа го прави или за свој ќеф или по нарачка, при што наплаќа 500 евра од час. Интересно е дека повеќето од неговите клиенти спаѓаат во две категории - мажи што сакаат да си ги дискредитираат поранешните сопруги во тек на развод и луѓе кои се обидуваат да го поткопаат кредибилитетот на соседите при различни меѓусебни конфликти. Месечно добива по 50 барања, но најмногу ги сака оние кои имаат врска со политичари, како оној поврзан со Кристин Ашенбахер, австриската министерка за труд која мораше да даде оставка во јануари по откритието дека направила плагијат.

Како дете Вебер бил талентиран за математика, но „социјално неприлагоден“. Иронично, затоа што се одлучил да студира - комуникации. По постојани судири на Универзитетот во Салцбург каде студентите постојано биле обвинувани за плагијаторство во есеите кои им ги задавал, се преселил во Дрезден, каде продолжил да предава и да работи како консултант. Има објавено книги во кои ги критикува новите медиуми. Сепак, неговата опсесија понекогаш го наведува на погрешен пат, па знае и да загуби случај - еден од нив се однесуваше на Јоханес Хан, австрискиот министер за наука - обвинувањата против него после многу врева сепак беа повлечени.

извор

14 септември 2021 - 11:31