Холандскиот авант-поп композитор ЈакобТВ (Јакоб Тер Фелдхаус-на холандски со В) е музичар и композитор кого го нарекуваат „Енди Ворхол на новата музика“. Неговиот таканаречен „бумбокс“ репертоар се состои од ритмичен говор во придружба на инструменти во живо. Со околу 1000 изведби на негови дела годишно, тој е еден од најприсутните европски композитори во моментов. Неговите критичари го нарекуваат „музички терорист“, заради вревата и интензитетот кои прават, како што вели Wall Street Journal, „хип-хоп артистите да изгледаат како под седативи“. Самиот пак вели дека намерно бега од дисонантноста карактеристична за тн. „новата класична музика“, и дека ги „забиберува неговите композиции со шеќер“.
Негово актуелно дело е операта „Вести“ (2012), чија најнова изведба се случи во средовековниот холандски град Ден Бош на 8 ноември, токму во текот на американската изборна ноќ. Операта се нарекува и „бескрајна“, затоа што постојано се менува и прилагодува на тековните настани и на местото каде што се изведува, синхронизирајќи ја музиката во живо со реални снимки од различни медиуми. Две водителки ги презентираат вестите во врска со политика, економија, шоу-бизнис и црна хроника во ритамот на класичната музика, поп-рокот, блузот и џезот.
Целта, меѓу другото, е да се прикаже опсесијата на западното општество со подвижната слика и начинот на кои медиумите аудио-визуелно бомбардираат со „мантри“ за војни, убиства, тривијалности, имиња и ликови кои ни се вградуваат во потсвеста. Еден од оператизираните прилози на последното издание на „Вести“, бил заснован на извадоци од изборни обраќања на Трамп и Клинтон, каде Трамп манијакално повторува „Јас сум вашиот глас“, а Клинтон терцира „Ќе го поправиме тоа заедно“. Целата естетика е заснована на претерување и на кич, но тоа намерно предозирање со звуци и слики би требало да има конечен ефект на згрозување, а богами и изолација од ваквата околина.
Верзиите на „Вести“ во други контексти често наидувале на жестоки критики, а во Италија и Русија дури и на забрани. Негови оперски ликови таму биле Берлускони, Папата, Путин, како и разни јавни личности и телевизиски водители. За верзија која би се изведувала кај нас, не сакаме ни да помислиме.