Иако од француски автори, краткиот документарен филм „Охрид Експрес“ е на англиски јазик, дистрибуиран - како што е наведено на одјавната шпица - од компанија од Сан Франциско. Главниот лик е железничарот Петре Михајловски, кој и покрај големата желба да се занимава како и неговите предци со риболов, се нафаќа на државна работа по инсистирање на мајка му. „Јанка, цел живот селанка, сакала Петре, нејзиниот најстар син, да биде во администрација. И така и биднало.“
Идеолошки филмот е чудна комбинација на пораки - од една страна возот е знак на прогрес во забаталениот пејзаж на „овој дел од Југославија“. Од друга, животот тука е толку романтичен и спокоен, што таквиот „напредок“ всушност би можел да значи уништување на суштинските вредности на оваа заедница, на која „ѝ е баш добро онаква каква што е“. Во други делови на таа држава можеби имаат побрзи машини, не како Ќиро кој датира од 1895, но „зошто некој би сакал да се движи побргу?“. Истото важи и за промените во родовите односи - во други краишта жените не работат физичка работа, но затоа пак охридските се здрави и силни (илустрирано со жена како мава со весло додека пере, облечена во фул народна носија и тежок волнен елек, лете).
Тоа е што се однесува до идеологијата. Физички, пределот делува доста суво и жолто, но очигледно чисто штом Петре си дозволува да се напие вода од езерото од лимено чанче. Во водата се разладуваат биволи (!) кои децата безгрижно ги јаваат, житото се врши на стожери, и „времето минува без помош на машини“.
И сега доаѓа она клучното за зен емоционалната состојба на главниот лик, која денес, по толку години „напредок“ се обидуваме да ја постигнеме:
„Петре не е загрижен за иднината на својата земја. Дури и да има промени, тие ќе се случат утре. Или задутре, или денот по него. Но денес - не“.