Во средината на 13-от век, Вилијам од Рубрук, фламански францискански монах, отпатувал за Монголското царство. Главната цел му била да врши мисионерска работа, но истовремено напишал и живописен патепис за францускиот крај Луј 9-ти, во кој го опишал регионот и неговите жители. Помеѓу многуте необични нешта што ги забележал било и тоа дека локалните лекари, кои генерално биле вешти и со големо знаење, не ја испитувале урината на своите пациенти.
Ваквиот коментар се должи на фактот дека Вилијам доаѓал од свет во кој уроскопијата - истражувањето на урината за дијагноза и прогноза - била една од највреднуваните лекарски вештини. Врската била толку силна што колбата со урина станала симбол на средовековниот лекар, кој често е претставуван како испитува примерок. Истиот бил користен и за славење на истакнати фигури како Свети Козма (заштитникот на медицината), но и за да се казнат шарлатани кои продавале бескорисни „лекови“ на сиромашните, и покрај тоа што немале никакво медицинско образование.
Така, извесен Роџер Клерк од Вандсворт во Британија бил воден кон плоштад кадешто бил јавно срамотен на коњ без седло, со еден сад мочка кој висел пред него и уште еден на грбот. Сатиричарите ја исмејувале опсесијата на медицинарите со смрдливата течност. Петрарка велел дека докторите на папата биле бледи и слаби бидејќи постојано се вртеле околу неговите нокшири, а комични слики на мајмуни-доктори кои ги испитуваат садовите со урина се цртани на маргините на ракописите, а ги има дури и во манастирски витражи.
Средовековните доктори биле заинтересирани за урината на своите пациенти бидејќи таа им овозможувала увид во состојбата на телото, особено поврзана со течностите. Пред откривањето на циркулацијата на крвта во 17 век, тие верувале дека главната цел на варењето било претворањето на храна во крв, која била постојано „трошена“, па оттаму морала да биде произведувана секоја вечер додека пациентот спие. Варењето на храната пак бил комплексен процес со повеќе фази и водел до различни отпадни продукти како урината, која содржела траги на органите вклучени во нејзиното производство. Така, доколу телото било премногу топло или премногу студено, или ако течностите му биле неврамнотежени, ова би било видливо во урината што ја произведувало.
Уроскопијата е всушност многу стара практика и датира најмалку од древните Вавилонци. Истата е присутна во класичните текстови кои ја формирале основата на средовековната медицинска практика. Хипократовите афоризми вклучуваат совети за истото. На пример: „Безбојната урина е лоша; таа е особено честа кај оние со мозочна болест“. Или, „присуството на честички од несварен оброк во урината на пациентите со треска укажува на долга болест“.
Со текот на вековите била акумулирана богата литература на оваа тема, а бидејќи уроскопијата била податна за дијаграмска презентација таа содржела илустрирани прирачници. Нивната распространетост укажува на тоа дека истите биле широко употребувани алатки во средовековна Европа.
Еден од овие прирачници е во форма на круг со 20 означени колби од бела до црна боја (слика горе). Тие се групирани согласно значењето: четирите црвено-златни примерока означуваат добро варење, додека три колби со многу темна течност укажуваат на блиска смрт. Некои од авторите имале голема фантазија во описот на боите, на пример „зелено како зелка“, „црно како пердув од гавран“ или „темно како човек од Етиопија“. Ваквите споредби биле потребни за да се направи разлика помеѓу слични бои но и за да се компензира за недостатокот на доволно нијансирани пигменти. Боите во една иста епрувета можеле да бидат и со повеќе нивоа - црвена со нане-зелен слој на врвот или маслинесто зелена со портокалов прстен. Ако најгорното ниво било особено дебело тоа значело главоболка, ако правело пенест „венец“ тоа значело гасови во уринарниот тракт. Средишниот дел се испитувал во контекст на матноста, а на најдолното ниво се констатирале седименти.
Секако, лекарите не дијагностицирале само врз основа на бојата и наодот на урината туку ги комбинирале овие податоци со своето пошироко знаење. Често пати тие и воопшто не се среќавале со пациентот, туку прегледот се правел на далечина, понекогаш и во друг град. Ова било критикувано од некои од тогашните медицински лица кои ги сметале ваквите прегледи без средба со пациентот за шарлатанство.
Ваквите случаи биле забележани и во книжевните дела од тоа време. Така во еден од расказите од „Декамерон“ пријателите на еден од ликовите, Каландрино, се договарат доктор да го убеди дека тој е бремен, врз основа на неговата урина. Сепак, побарувачката и довербата во уроскопијата била висока, бидејќи изгледало дека се добива објективна дијагноза за релативно мал трошок.
На вистинска приказна за модерен исцелител, Јан Миколашек (1889-1973), кој лекувал на овој начин, се однесува филм од 2020 на режисерката Ањешка Холанд, под наслов „Шарлатан“.