„Ружата е ружа е ружа е ружа“ е стих на Гертруда Штајн од нејзината песна од 1913, „Светата Емили“. Вообичаената интерпретација е дека „нештата се она што се“, односно дека употребата на име за нешто поттикнува визуелизации и емоции поврзани со него. Во случајот со ружата, дури и сетилни дразби, односно замислен заносен мирис.
Како слики, ружите се претставени на сè, од долна облека, преку тапети до надгробни камења. Вистинските ружи се користат за свадби, погреби, родендени, односно и за арно и за лошо. Кога летото 2020 почина конгресменот и борец за права на Афро-Американците, Џон Луис, неговиот ковчег беше носен со кочија преку мостот Алабама, каде во времето кога протестирал бил претепан и едвај преживеал. Целиот пат беше послан со латици црвени ружи за да ја симболизираат крвта која тогаш се пролила. Исто како што се прелеваат во орнаментите, така тие искрснуваат од афоризми, во стихови и во популарни песни.
Цвеќињата често се симболи на минливост и смртност, како во сликите вообичаени за Европа во 17 век, каде богати букети често биле поставувани до черепи и овошки во фаза на распаѓање, како потсетници дека цветањето и венеењето, животот и смртта, се нераздвојни. Во песните ружите често претставуваат „трнлива“ љубов и партнер кој не може да биде дофатен. Помеѓу популарните песни од последните неколку децении се La Vie en Rose, Ramblin' Rose, Days of Win and Roses, а се појавува и во имиња на бендови, како кај Guns n'Roses или Stone Roses.
„Трновитоста“ на убавото цвеќе асоцира на каприциозност, како кај розата во „Малиот принц“ на Егзипери. Во верзијата на „Заспаната убавица“ на браќата Грим, принцезата се вика Трнорушка (Dornröschen), неуспешните заводници умираат во ружините грмушки околу кулата во којашто таа спие, а пак трњата се претвораат во цветови кога ќе се појави вистинскиот кандидат.
Културолошки, пресеченото цвеќе е ултимативниот подарок, бидејќи нема никаква корисна функција освен што дава естетско и сензуално задоволство. Од аспект на културата, цвеќињата се тривијални и заменливи. Но во научна смисла тие биле револуционерни кога се појавиле на Земјата пред некои две стотини милиони години. Нивната еволуција течела паралелно со онаа на птиците и цицачите, а со нив ко-еволуирале и инсектите, кои од цвеќињата добивале полен и нектар а за возврат давале опрашувачки „услуги“. Врската помеѓу видовите довела и до некои „моногамни“ врски, како кај мадагаскарската орхидеја,чиј врат е толку долг што до неа може да стигне само еден долгојазичен молец, кој станува клучен за нејзиното опрашување.
Ружините латици се истовремено и храна, тие се користени во средовековни рецепти, како и за подготовка на чаеви и други напивки. Во текот на Втората светска војна, Министерството за храна (каде работел и Џорџ Орвел) иницирале собирање на шипинки за да се надомести недостатокот на витамин Ц кај населението, скратено со недостатокот на увозни цитруси. До 1942 биле собрани двестотини тони, еквивалент на 134 милиони шипинки, кои најчесто биле преработувани во сируп. Но истовремено се препорачувало и правење домашен џем од рози.
Ружите се дел од семејството Розацеа, кое се состои од повеќе од 400 видови, вклучително и јаболки, круши, дуњи, кајсии, сливи и праски, како и трнливите грмушки малина и капина, чии цветови наликуваат на диви рози. Овие имаат по пет латици, но розите одгледувани со случајни мутации во Кина, Европа и Блискиот Исток создале семејство на повеќелатични рози. Во третиот век пред наша ера филозофот Теофраст напишал: „Повеќето имаат пет латици, но некои 12 или 20, а велат дека постојат и такви наречени столатични“. Денес се развиени илјадници варијанти, помеѓу кои и „зелкасти“ и џуџести, кои растат како грмушки или ползавци, и во бои кои се движат од прозрачно бели до мастило темни, и ароми кои се движат од слатки преку цитрусни до мошусни. Нивната популарност и помеѓу уметниците и помеѓу градинарите не згаснува.
* Извадок од книгата „Орвеловите ружи“ на Ребека Солнит (издание на Вајкинг, октомври 2021)