На 1 февруари 1713 кај градот Бендер, денес во Транснистрија (Молдавија), војската на шведскиот крал Карл Дванаесетти се судрила со онаа на Отоманската империја, која ја контролирала спомнатата територија. Ова претставувало пресврт во дотогаш топлите односи помеѓу него и Султанот, чие гостопримство го уживал со години, по својот пораз од Петар Велики во битката кај Полтава.
Ова турската страна секако го направила од политички причини - Шведска била непријател на Русија, ама и нивен. Но внатрешни сили во Отоманското царство сметале дека државниот буџет не треба да се тенчи на некои-си-таму-Швеѓани, а ситуацијата дополнително се усложнила кога Турците потпишале договор за мир со Русија. Карл 12-тиот и тогаш одбил да си оди дома и продолжил со анти-руската кампања. На крај овие решиле да го избркаат. Кулминација бил спомнатиот судир, денес познат како „Калабалакот кај Бендер“ - седум часа интензивна битка - која завршила со тоа што Карл најпрвин бил заробен, но потоа пуштен да си го фати патот.
„Калабалик“ односно „калабалики“ на овој начин е влезен и во шведскиот и во финскиот, со исто значење како што го има и кај нас - гужва, неред, хаос. Приказната неодамна беше популаризирана во Инстаграм пост.
По ова, следеше нов пост инспириран од бројните коментари, во кои истиот збор се спомнува од санксрит до грчки (каде додуша има малку поинакво значење...).
***