Една од теориите за потеклото на зборот „сапун“ е поврзана со ридот Сапо во древен Рим. Жените ги переле алиштата во мала река во подножјето, каде дождовницата се мешала со животинските масти и пепелта од жртвувањата кои се одвивале на врвот. Тие забележале дека алиштата се почисти кога се перат токму на тоа место и со ваквата мешавина на вода, пепел и маст. Така се создал зборот сапун.
Но кога бил измислен сапунот, иако можеби не под тоа име? Референци на ваква материја датира од 2800 година пне. Вавилонците произведувале мешавина на варени масти и пепел, што ја користеле за перење. И древните Еѓипјани користеле животинска маст, растителни масла и алкални соли за третирање на кожни болести и општо за чистење.
Во древна Индија сапунот го правеле на поинаков начин. Наместо да се користат типичните гореспомнати состојки, тие береле плодови (бобинки) од растение, Sapindus saponariа, ги вареле и ги дробеле за да ги „исцедат“ од нив корисните хемикалии.
Сепак, требало да поминат повеќе векови пред да го добиеме сапунот онаков каков што го знаеме денес. Николас Лебланк бил француски хирург и хемичар кој го развил процесот на правење каустична сода (кај Хрватите се вика „лужина“) од сол. Тоа е состојка која се користи во правењето сапун и денес. Разликата со модерните сапуни е што тие не содржат животинска маст, туку растителни масла (маслиново, кокосово или палмино), глицерин и различни ароми и бои.
Важноста на миењето раце со сапун кој ги убива бактериите била и останува огромна. Mиењето само со вода го нема истиот ефект, бидејќи молекулите на сапунот имаат специфична структура која им овозможува да се врзуваат и со водата со маслата, со што се вади нечистотијата, мрснотијата и микробите од површините, како кожата.