Од каде името на „Цезар“ салатата?

На 25 минути пешачење од најактивната копнена граница на светот, која ги поврзува Сан Диего во САД и Тихуана во Мексико, се наоѓа домот на една од најпознатите салати во светот. Цезар салатата не го носи името според римскиот император, туку по еден друг, италијанско-американски Цезар.

Ресторан-барот „Цезар“ е лоциран во центарот на Тихуана од 1927. Неколку палми крај влезот го затскриваат името на локалот и големиот црно-бел портрет на Чезаре (Цезар) Кардини. Веднаш до него пишува: „Дом на легендарната Цезар салата“.

Откако се доселил во САД од Италија во 1919, Кардини отворил ресторан во Сакраменто а подоцна во Сан Диего. Но за да избега од прохибицијата, се преселил преку границата во Тихуана во 1920-тите, пред да го отвори својот ресторан на сегашната локација во 1927. 

Според спомените на ќерката на Кардини, Роза, нејзиниот татко го измислил познатото јадење кое го добило неговото име на 4 јули 1924. Како што вели преданието, ресторанот во кој тогаш работел бил толку полн со гости поради празникот, што снемувало состојки. Во момент на креативност, Кардини искористил остатоци од марула, жолчка од јајце, пармезан и други нешта и ги трансформирал во изненадувачки вкусна салата. 

Во текот на 1920-тите, орди американски филмски ѕвезди се собирале во Тихуана за да можат да пијат, а набргу се проширил и гласот за Цезар салатата. Клерк Гејбл и Џејн Харлоу патувале со километри до Тихуана за да грицнат од крцкавата салата и да го пробаат густиот сос. 

Подоцна салатата се проширила од Мексико и Калифорнија низ целиот свет. Во 1940 познати списанија за готвење ја нарекле „гастрономски врв на сегашниот момент“, а во 1953 била прогласена за „најдобриот рецепт кој потекнува од Америките во последните 50 години“.

Кардиниеви се преселиле во Лос Анѓелес каде го патентирале нивниот славен сос во 1948. Денес, тој се уште се продава под оригиналната етикета Caesar Cardini's Dressing. Иако ресторанот кој го носи неговото име во Тихуана веќе не е во сопственост на семејството на Цезар, тука се уште се служи традиционалната салата. И тоа со цела келнерска кореографија на нејзино приготвување пред очите на гостинот, сосе сосот, кој се прави од живо јајце, сенф, Ворчестер сос, малку сок од лимон, маслинов зејтин и фино рендан пармезан. За разлика од големиот број нејзини варијанти, оригиналната салата не содржи крутони или парчиња сланина, а не се прави ни со пилешко туку со риби-сардели. 

Има и верзии дека салатата всушност била креирана од братот на Цезар, Алекс, кој бил пилот во Првата светска војна на страната на Италија, а по војната се преселил во Тихуана за да му се придружи на братот. Потоа отворил свој ресторан, каде имало тн. „Авијатичарска салата“, која наводно била онаа оригиналната, која Цезар само ја ископирал. Како и да е, барем е јасно дека тој Цезар не е римскиот император, кого и не го замислуваме како некој што многу-многу сакал салати.

15 март 2022 - 19:11