Oчи покриени со пршута: изрази од различни јазици кои тешко се преведуваат

До сега на долго и на широко сме зборувале за непреводливите зборови од различни култури, кои кажуваат нешто за нивниот светоглед. Но уште поинтересни и потешки за превод се поговорките, афоризмите и идиомите кои буквално пренесени често звучат смешно и бесмислено.

Во Италија за некој е слеп за очигледното се вели дека има „очи покриени со пршута“ (Avere il prosciutto sugli occhi). Во Франција да „вртиш педали во кисела зелка“ (Pédaler dans la choucroute), значи да брзаш но да не стигнуваш никаде или да имаш проблем нешто да завршиш. Најверојатно потекнува од раните трки на Тур де Франс, кога возилата кои ги собирале оние кои ептен заостанувале често на себе имале реклами за кисела зелка.

Текст во Гардијан на оваа тема ги спомнува и тешко разбирливото латвиско „Да испушташ патчиња“ (pūst pilītes), со значење да зборуваш глупости или да лажеш; „Да се лизнеш на сендвич со ракчиња“ на шведски, опис на човек кој не морал да работи за да стигне до висока позиција; или „Дошла маца на вратанца“ (според нив хрватски, за кое знаеме што значи).

Можеле да ги додадат и германската верзија на она италијанското со пршутата - „Имаш домати на очи“, или француското „Да голташ змии од трева“ (што би рекле ние - кнедли), кога си навреден но не знаеш или не можеш да вратиш. И уште куп други кои за странци се необични, но за родените говорители на одредениот јазик се сосема „природни“ и често се употребуваат механички, без да се навлезе во нивното потекло.

Од македонските изрази, пак, нас со години нè мачи само еден - која е мајка Јана?

Види претходно: Лексикон на непреводливи зборови и изрази од Хауард Реинголд

24 јануари 2020 - 18:38