Доналд Дак прв пат се појавил во цртаниот на Дизни од 1934, „Мудрото мало пиле“. Во неговите последователни улоги тој брзо се развил во лик со „краток фитил“, кој често влегува во конфликт со другите познати ликови, на пример со Мики Маус.
За она што денес го подразбираме под лик и дело на Пајо Паторот заслужен е уметникот Карл Баркс, кој се повлекол на раб на калифорниска пустина да одгледува кокошки и да црта стрипови за да може да преживее. Ваквото „хоби“ му траело 30 години, во текот на кои тој напишал и нацртал околу 500 приказни за Пајо, создавајќи цел свет околу него, кој сега се смета за едно од најдобрите дела на американската стриповска уметност.
Дури и кога неговите дела станале енормно популарни, тој ги работел во целосна изолација, добивајќи прекар „Човекот-патор“. Во раните 1950-ти тој продавал три милиони стрипови секој месец, при што никој не го знаел неговото име, меѓу другото и затоа што самиот Волт Дизни сакал да го одржува митот дека тој, а не Карл, ги цирта стриповите. На македонската Википедија страница под „Пајо Паторот“ стои - измислен лик од филмови и стрипови, „изум на Волт Дизни“, што само ја отсликува оваа погенерална предрасуда.
Баркс станал познат дури по неговото реално пензионирање - и самиот бил изненаден од вниманието што го добивал во последните децении од својот живот. Генерации читатели растеле со неговата интерпретација на Доналд Дак и неговите внуци Хјуи, Дјуи и Луи, но и градот Дакбург (Патковград) кој го имал создадено и ликовите во него, особено чичкото на Доналд, скржавиот милионер Скруџ МекДак (Баја Патак или Паторот Бајо) или Изумителот Прока, чии имиња и ликови на времето стигнуваа до нас преку Микијев и Политикин забавник.