Таа на еден лежерен, но крајно информиран начин, промовира вакви зборови и изрази од различни јазици, објаснувајќи го и културниот контекст во кои тие настанале и во кои се употребуваат. Конференцијата заврши, но идејата непреводливите зборови да се преведат остана. Авторот, на нашето пекање за авторските права по цена прифатлива за нашиот (непостоечки) пазар образложено на две куцани страници, одговори само со еден збор – SURE! А тоа не моравме да се мачиме да го преведуваме
Па, каков е односот помеѓу јазикот и светогледот, и каква врска имаат непреводливите зборови со тоа? Ако сте ја читале „1984" на Орвел сигурно се сеќавате на „новоговорот" – јазикот на фиктивната држава Океанија, кој владеачката структура го создава и спроведува заради превенирање на „злосторничко мислење" на нејзините поданици. Преку отстранување на сите зборови од англискиот кои имаат потенцијал да изразат идеи на слобода, бунтовништво, или какви и да е нијанси на чувства и ставови кои не се вклопуваат во актуелните идеолошки стандарди, Партијата го филтрира јазикот. Притоа, она што се уништува не само елементите на еден витален лингвистички систем, кој сега станува вештачка, закостена структура, туку го уништува и она што е основно човеково право – слободата на мислење, и слободата на изразување на помисленото.
Она што во „1984" го прави власта, тоа во секојдневниот живот го правиме речиси сите ние – прогласувајќи ги брзината и прецизноста за врвни комуникациски приоритети, нашиот речник почнавме да го сведуваме на упатство за употреба на правосмукалка. Без непотребни метафори, без апстракции и споредби, во кратки реченици и со акроними, така изгледа не само нашиот јазик, туку и нашиот генерален светоглед. Не само што сме мрзливи да измислиме нови јазични решенија за феномени кои до сега не биле вербализирани во нашиот јазик, ние сме и крајно нељубопитни да истражиме дали такви решенија веќе некаде постојат – во сленгот и дијалектите на нашите сопствени јазици, или во оние туѓите.
Хауард Реинголд во оваа книга го прави токму тоа, копа во светската лингвистичка ризница, за од неа да ги извади најскапоцените парчиња, непреводливи зборови кои како такви, во оригиналната форма, се крајно соодветни и корисни за употреба во англискиот, бидејќи опишуваат појави, чувства и концепти кои му се сепак познати на еден Англичанец или Американец – само што тој не се сетил на збор за нив. Со „позајмувањето" на збор од санскритот, рускиот или јапонскиот, англискиот може да го збогати својот лексички фонд, но истовремено и да „позајми" нешто од концептите кои овие зборови ги подразбираат, на тој начин прогласувајќи ги за важни, убави и добри, или пак обратно, жигосувајќи ги како општествено штетни и лоши. Така, промовирањето на, на пример, јапонското саби – убавата патина – се промовира еден цел светоглед, кој е во целосна спротивност со вредностите на потрошувачкото, глобално капиталистичко општество, кое убавината ја гледа само во она што е ново, младо или индустриско. Јазикот оттаму може да биде инструмент на репресија, но во вистинските раце може да биде и средство за бунт. Вооружен со нив, човек може самоуверено да се бори против којанискватцито, хаосот на современиот свет.
Зборовите кои ги предлага авторот во оваа книга не се само корисни за англискиот читател – и во македонскиот недостасуваат зборови за повеќето од застапените концепти. И во нашиот парламент пратениците би имале корист од хо'опонопоно (решавање на проблем преку отворен разговор за него), а некои од нас имаат и пријатели на кои можеме да им забележиме за хакамаро (прекумерно позајмување предмети од нас), а сега ги имаме и вистинските зборови за да укажеме на концептите кои ги имаме на ум.
Да се смисли прецизен збор кој би опишал инаку сложени концепти и апстрактни чувства, и тој да се вгради во секојдневна употреба, е работа која не зависи (само) од оние кои се професионални јазичари. Преведувачите, поетите, естетите, хип-хоперите, графитџиите, политичарите, новинарите, турбо-фолкерите..сите кои на овој или на оној начин ги користат зборовите, имаат не само прекрасна можност, туку дури и обврска да не дозволат живиот говор да се претвори во „новоговор", јазик без бои, мириси и вкусови, без игра и страст. Затоа што таквиот јазик би бил одраз на ист таков свет. Во кој не сакаме да живееме.
Издавачот Табахон доделува една книга на читател кој ќе ни испрати најинтересен непреводлив збор од македонскиот (може дијалект, може сленг). Пишете на chitajte@gmail.com. Книгата ќе може да се купи на претстојниот Саем на книгата, на штандовите на Табернакул, Слово и Магор.
* * *
(извадок од книгата)
Тартл (шкотски)
Колебање при препознавање лице или предмет (глагол)
Сите сме се нашле, барем еднаш, во непријатна позиција да разговараме со некого кој ни бил претставен претходно, но чие име во моментот не ни текнува. Доколку бргу дојдете на себе за да го избегнете срамот, и се сетите на името на човекот кој дошол на истата забава, или на деловниот познаник, вие сте извршиле дејство доволно вообичаено за Шкотланѓаните да имаат збор за него. Тие би рекле дека вие сте доживеале тартл. Всушност, ако сакате да го одвлечете вниманието од вашиот момент на колебање со тоа што ќе почнете да зборувате за непреводливи зборови, само речете: „Извинете за мојот привремен тартл!". Секако, секогаш можете да го искористите зборот како посакувано оправдание кога некој ќе ви каже: „Не се секирај пријател, на сите ни се случува да тартламе од време на време!"
Доживоче (полски)
Договор помеѓу родителите и децата кој гарантира доживотна издршка (именка)
До крајот на дваесетиот век Америка ќе биде предоминантно стара популација, а проблемите на грижа за старите, кои веќе почнуваат да предизвикуваат семејни и социјални проблеми, ќе бидат очигледни. Можеме да размислиме за обичај кој го имаат Полјаците, кои прават довогор со нивните деца. Доживоче значи доживотна издршка, и вклучува поделба на имот по пензионирањето (наместо тестамент, кој се извршува постхумно). Родителите склучуваат договор со синот или ќерката во кои имаат најголема доверба, и доделуваат дополнителен дел од имотот, во замена за ветување дека потмоството кое го добива ќе ги издржува родителите до крајот на животот.
Проблемот со овој обичај, кој е придружен не само со правен договор, туку и со силен социјален притисок и изолација на оние кои го прекршуваат, е дека ги претвора пензионерите во луѓе кои се зависни од поддршка, што не секогаш е пожелна ситуација. Во Полска, каде циничното сфаќање е дека децата често ги третираат родителите особено добро како што тие наближуваат до пезнионирање, но не продолжуваат со ваквиот третман откако ќе биде заверен договорот кај нотар, односно откако ќе го добијат ветениот дел, постои и изрека: „До нотарот леташ, но се враќаш дома пеш."
Накхес (јидиш)
Мешавина на задоволство и гордост, особено порзано со односот родител-дете (именка)
Кога вашата ќерка целиот ден ќе го мине во сецкање и цртање, а потоа гордо ќе ги го презентира подарокот, чувството кое ве опфаќа е она што Евреите го опишуваат како накхес, со специфично грлено кх). Тоа е посебен вид задоволство, чувсто на љубов помешано со гордост и радост. Тоа е нешто што некој го добива, како во реченицата: „Да даде господ да добиваш само накхес од твојот син!" Второстепено и помалку моќно значење во емотивна смисла е генералното чувство на благодарност кое некој го добива од создавање нешто кое излегло добро: „Добивам многу накхес од работење во мојата градина, особено при жетва" или „Добив накхес од склопување на таа столица".
Цурис (јидиш)
Тага или мака, особено поврзана со односот родител-дете (именка)
Можете да кажете дека цурис е спротивно од накхес. Тоа означува чувство на возбуденост од лоши вести, крајна вознемиреност, чувство кое го имате кога ќе видите дека нешто или некој се свртува против вас. Ќерката кога дипломира ви дава накхес, но синот кој ќе заврши во затвор е извор на тцурис.
Сите случаи на цурис не се толку екстремни како одењето во затвор на саканото потомство. Имањето деца изгледа дека нуди мешавина на накес и цурис, а степенот на накес кој некој го добива често се мери во согласност со количеството цурис кој некој треба истовремено да го трпи. Во „Радоста на јидиш", Лео Ростен вели вака:
„И колку деца имате?"
„Ниту едно."
„Па што правите тогаш за цурис?"
Ова се крајно корисни зборови. Кога ќе се роди дете, соодветно е да се каже „Нека ти носи само накхес!" А кога некој ќе ви покаже фотографија на синот, кој му е очигледна гордост, можете да кажете: „Тој сигурно ви носи многу накхес." Обратно, кога некој ќе ви раскаже за операцијата на неговата бешика, или неодамнешна посета од даночните инспектори, соодветно е да се каже: „Леле, каков тцурис!"
Бол (јазикот на Маите)
Глупави роднини (именка/придавка)
Апачите имаат ситике врска, која е многу позитивен вид сродство. Во Полска постои сличен вид сродничка обврска, која може да се цени на поциничен начин, кога се работи за односи кои се сметаат за својак. Но Маите од јужно Мексико и Хондурас го користат истиот збор - бол – и за роднини и за глупост! Варијациите на овој збор укажуваат на вид вртоглавица која придружува удар по глава, или вид зашеметеност која е предизвикана од дроги.
Во голем број традиции индиректниот говор се користи за навреда на луѓе без нивно знаење (види го зборот санца во третото поглавје). Доколку имате мака да излезете на крај со недостатокот на сензитивност или манири или интелигенција на вашите роднини, зошто да не го искористите „болувањето" на Маите секогаш кога нешто ќе ве прашаат. Потоа, додека ве гледаат зачудено, почнете да се смеете како хиена.
Раме' (балинески)
Пренаселена, тензична, нервозна општествена средина (именка/придавка)
Општествените научници зборуваат за различни култури и семејства како за „сплотени", во смисла на тоа дека секој е загрижен за работите на другиот и високо зависен од ближниот, или „неангажирани", што значи дека секој е независен, автономен и не се грижи за работите на другиот. Нашата северно-американска култура, со нејзиниот силен акцент на индивидуализмот, е пример за вториот тип култура. Балинеската култура, од друга страна, се смета за една од најсплотените култури на свтот. Луѓето на островот Бали секогаш прават нешта во група, дури и најелементарните задачи. Политички состанок, драмска група (куклени или други претсттави се значаен дел од балинескиот општествен живот), дури и збир на луѓе кои одлучуваат да собираат овошје или да соберат огревно дрво секогаш изгледаат дека вклучуваат повеќе луѓе отколку што е тоа технички неопходно. И сите тие изгледа дека ги знаат најинтимните детали на животите на другите.
Кога една општествена група вклучува голем број луѓе во активности, и кога тие луѓе вообичаено имаат увид во туѓите животи, општествената атмосфера има тенденција да изгледа хаотично, тензично, нервозно и „гужвасто" во очите на Западњаците. За жителите на Бали, ова е една од нивните најзначајни општествени вредности, која тие ја нарекуваат раме'. Самите си се потсмеваат на овој пристап кон животот, користејќи го зборот бебек-бебекан (буквално – „како патки") за опишување на начинот на кои групи Балинежани квакаат и цупкаат заедно, како да се во некаква формација.
Во Америка, мешавина на повеќе култури, луѓето од белечки семејства каде времето за вечера е спокојно, индивидуалците се автономни а разговорот учтив и некако безличен, понекогаш доживуваат културен шок кога вечераат во италијански или еврејски дом, каде поединците се меѓусебно зависни, разговорот е жив, има и расправии, а луѓето се занимаваат во голема мерка со деталите од туѓите приватни животи. Ако сте од сплотено семејство а вашиот пријател или сопружник, чие потекло е повеќе од вториот вид, почне да покажува знаци на шок при изложеноста на вашата хаотична социјална атмосфера, само насмевнете се пријатно и раскажете му за раме', вредност од култура каде овој бренд хаос е дури и поинтензивен.
(превод И.Ј.)