На социјалните мрежи и на одделни медиуми уште пред објавувањето на номинациите за Оскар се појавија коментари и обвинувања дека „Обликот на водата“ има голема сличност со краток, 13-минутен филм на Марк. С. Нолкемпер, „Просторот помеѓу нас“. Во него, во постнуклеарна иднина, човештвото се обидува да опстане со помош на кислородни маски. Високо во планините е изграден истражувачки центар во кој се трага по шкрги соодветни за луѓето, за тие да почнат нов живот под вода. И - сега доаѓа најиндикативното - во центарот, исто како и во оној од „Обликот на водата“, работи жена која се заљубува во Адам, рибовидно суштество, чии шкрги се последната надеж на човештвото (целиот филм тука)
Целата работа отиде на проценка кај Холандската филмска академија, која издаде соопштение во кое вели дека двата филма „имаат свој сопствени, многу различни идентитети“ и „не се поврзани на ниту еден начин“.
Но најновото обвинување доаѓа од друга страна - од наследниците на драмскиот автор, добитник на Пулицер, Пол Зиндел, кои обвинуваат дека филмот е плагијат на дело на овој автор. „Шепни ми“ (Let Me Hear You Wisper), драма од 1969, е - упс! - за хигиеничарка во истражувачка лабораторија, која емотивно се врзува за делфин кој е таму во заложништво, и се обидува да го спаси.
Синот на американскиот писател изјавил: „Шокирани сме што едно големо студио можело да направи филм толку очигледно сличен на делото на татко ми, а притоа никому да не му текне да ни се обрати за правата“.
Како што пишувавме тука, „Обликот на водата“, чии сценаристи се дел Торо и Ванеса Тејлор, раскажува приказна за хигиеничарка која работи во тајна владина лабораторија во 1960-тите и се заљубува во суштество со човечки лик врз кое се експериментира за воени цели. Концептот и некои од ликовите, според упатените покажуваат големи сличности и со ТВ продукцијата на „Шепни ми“, емитувана пред скоро 50 години.
Портпарол на Фокс Срчлајт, студиото зад филмот на Торо, ги отфрла обвинувањата, иако некои од сличностите се прилично очигледни дури и за некој кој не ја читал драмата и не го гледал претходниот филм. Во „Обликот на водата“ Елиза е нема и комуницира со знаковен јазик со суштеството. Хелен, ликот во постарата приказна, може да зборува, но сепак ја спомнува глувонемоста кога го брани делфинот со зборовите: „Некои луѓе се неми. Но тоа не значи дека треба да ги убиеме“.
Пол Зиндел, кој почина во 2003, доби Пулицер во 1971 за драмата „Ефектот на гама зраците врз невените посадени од човек на Месечината“, а „Шепни ми“ е една од неговите најрани драми, инспирирана, меѓу другото, и од неговата работа во лабораторија како наставник по хемија. Неговата сопруга изјавила дека тие заедно ја гледале ТВ продукцијата за време на Виетнамската војна, и дека темите ги отсликувале неговите убедувања, дека „љубовта, а не војната, е она што треба да донесе светски мир“.