Новиот роман на Мураками, „Убивајќи го Комендаторе“, комбинира две приказни, а главната тема му е уметноста и нејзиното создавање. Еден сликар кој минува низ тежок период на развод престојува во куќата на познат уметник. Таму открива мистериозна слика на таванот со наслов кој е ист со оној на книгата, а изработена во традиционален јапонски стил. Тема на сликата е сцена од операта на Моцарт, „Дон Џовани“ и на неа е претставено убиството на таткото на Дона Ана кого го нарекуваат Ил Комендаторе, односно капетан на група витези.
Но објавувањето на оваа книга во Хонг Конг доби и малку поинаков публицитет од оној кој вообичаено ги следи објавувањата на делата на Мураками. Судот во оваа земја минатата недела обзнани дека изданието на кинески на оваа книга ќе биде привремено класифицирано како „Категорија 2 - непристоен материјал“. Тоа значи дека таа ќе може да се продава во книжарници само доколку е покриена со белешка која предупредува во однос на недоличната содржина и ќе биде достапна само на оние повозрасни од 18 години. Заради ваквата судска одлука книгата е повлечена и од штандовите на саемот на книгата во Хонг Ког.
Книгата во Британија ќе биде објавена оваа есен, а уште од сега се опишува како „епска приказна за љубовта и осаменоста, војната и уметноста“ и како омаж на „Големиот Гетсби“. Во Јапонија изданието беше објавено минатата година со полноќни промоции и огромни редови обожаватели пред книжарниците.
Спомнатата пресуда наиде на големи критики, меѓу другото и од старна на претседателот на писателската организација ПЕН во Хонг Конг, кој вели дека сексуалните описи кај Мураками не се ништо по „недолични“ од оние кај Џојс или Хенри Милер. Па сепак Мураками го цензурираат, а овие се дел од наставните програми.
По интернет почна да кружи петиција во моментов потпишана од повеќе од 2000 луѓе кои бараат промена на одлуката. Иако таа не е прва од ваков вид - претходно хонкгоншките власти повлекоа од продажба детски книги со ЛГБТ теми, заради притисок од анти-геј групи.