Минатиот месец во Списанието на американското хемиско здружение беше објавен текст на тим научници од Универзитетот Тјанџин во источна Кина, кој сумираше резултати од изработка на материјал сличен на пластика. Тој е добиен со користење на две кратки секвенци од ДНК на лосос, екстрахирани од неговата сперма, а комбинирани со друга хемикалија добиена од растително масло. На овој начин се создава желатинеста супстанца наречена хидрогел. Откако од него ќе се извлече сета влажност, хидрогелот може да биде моделиран во различни облици. За проба, научниците од него веќе направиле парченца сложувалка, шоља како за кафе и пластичен модел на ДНК.
Во споредба со традиционалната пластика, новата подразбира 97% помалку емисии на јаглерод. За нејзино рециклирање е доволно да ѝ се додадат дигестивни ензими кои го разградуваат материјалот. Ако нема такви, едноставното држење под вода ќе го врати предметот во првобитната желатинеста форма. Оттаму користењето на материјалот за пиење вода или чај можеби и не е најдобрата идеја.
Секако, новата биопластика не мора да биде од рибја сперма, за нејзина изработка може да се употреби каков и да е друг органски материјал. За споредба, за производство на пластика изработена од нафта се потребни тони топлина и отровни супстанци, а за нејзино распаѓање треба да поминат стотици години. Дури и кога се рекламира како „разградлива“, поголемиот дел од 300-те тони пластика кои се произведуваат на годишно ниво во светот завршува или запалена или фрлена на отпади.