Швајцарски истражувачи потрошиле 108 денови за да постигнат нов рекорд на точност на бројот „пи“, 62,8 трилиони цифри (американски трилион - наши илјада милијарди). Нивната пресметка, направена со помош на компјутер и 3,5 пати побрзо, го сруши претходниот светски рекорд од 50 илјади милијарди децимални места. Ова е импресивен потфат кој бара многу време и енергија. Оттаму и прашањето - чуму?
Пи е математичка константа дефинирана како однос помеѓу обиколката на кружницата и нејзиниот дијаметар. Тоа е ирационален број, кој има бесконечен број децимални места. Од древен Вавилон луѓето се обидуваат да ја проценат константата која почнува со 3,14159 и да ја продолжат низата колку што е можно повеќе.
Математичарот-аматер Вилијам Шенкс, на пример, во 1873 на рака го пресметал пи до 707 цифри и умрел верувајќи дека пресметката му била точна. Но децении подоцна се увидело дека направил грешка на 528-мото место. И ова е само една од многуте вакви приказни, чиј интензитет се зголеми со воведувањето на компјутерските пресметки.
Да се знае пи според математичарите е важно затоа што бројот се појавува насекаде, од генералната релативност на Ајнштајн до корекции во џи-пи-ес уредите и секакви инженерски проблеми кои вклучуваат електроника. Тој е исто така суштински за нешто што во математиката се нарекува „трансформација на Фурие“ а кое станува практично применливо кога се пушта мп3 фајл или се гледа нешто на блу-реј. Фуриевата анализа исто така се користи во технологијата на изработката на медицинските визуелизации, и за да се расчленат компонентите на сончевата светлина во спектрални линии.
Сепак, има голема разлика во тоа да се пресмета пи до 10 децимални места и да се апроксимира на 62.8 трилиони цифри. Реални апликации во физичкиот свет каде би биле потребни повеќе од 15 децимални места едноставно нема. Максимумот потребен за космолошки пресметки е 39 цифри, што се смета за доволно прецизно. Па ако дури и 1000 цифри се непотребни, што ќе ни се тогаш трилиони?
Математичарите ова го споредуваат со потфат на спортисти на Олимписките игри. Светските рекорди не се корисни самите по себе но тие поставуваат некаква граница која инспирира да биде помината. Истовремено тоа не е само вежба за луѓето, туку повеќе за компјутерскиот софтвер и хардвер. И „пи“ не е единствената константа која мотивира, туку има и други. Колку и да е ирационално, сепак Лудолфовиот број или Архимедовата константа, како што уште се нарекува „пи“, е најпопуларната, можеби поради тоа што лесно се визуелизира со пити.