Целта на проектот е да создаде поинаква концертна атмосфера од вообичаената за класичните изведби. Публиката треба да се ослободи од личните предмети - вклучувајќи мобилни телефони, часовници и други нешта кои би можеле да ѝ го дефокусираат вниманието, ставајќи ги во приватно орманче на влезот. По влегувањето во салата таа треба да седи во тишина подолг период, по што Левит ќе ги изведе сите 30 варијации едно по друго, што трае 86 минути и бара прилично голема концентрација, како на музичарот, така и на публиката.
„Ако сакаат да го слушаат Бах, нека се мачат" е навидум шегобијниот став на Абрамовиќ. Но нејзината досегашен (понекогаш смртно) сериозен пристап кон сопствените перформанси нема да изостане и сега - таа дизајнира моторизирана платформа која полека ќе се движи од најдалечната точка во салата до центарот, а потоа еднаш околу себе додека Левит минува низ Баховото дело. Притоа не е дозволено излегување од салата.
Ова дело се вклопува во нешто што се нарекува „Методот на Марина Абрамовиќ", чија цел е подобрување на концентрацијата преку различни вежби, како седење мирно или броење оризови зрна.
„Имам метод за тоа како да пијам вода. Како да шетам во природа. Како да гушкам дрвја. Идејата е да се влезе во поинаква состојба на умот. Постојано сме под влијание на информации, на градот, на нашата врска со технологијата, па ова е одење по еден поинаков пат", вели таа.
Тој пат сега подразбира преку конфискацијата на предметите на слушателите тие да бидат натерани да се соочат со сопствената зависност, и барем за кратко да пронајдат нов сетилен фокус.
Во 2012 NPR посвети цела недела на Голдберговите варијации - од некои понепознати изведби (во однос на најпознатата на Глен Гулд од 1955), преку врската на системот на Бах со економијата, па до Ханибал Лектор и варијациите. За детално запознавање со ова сложено дело тука