„Одразена во тебе" во издание на Пингуин, продолжение на самиздатот „Соголена за тебе", роман кој излезе во април оваа година, ја раскажува љубовната приказна помеѓу Ева и Гидеон. „Тој беше убав и брилијантен. Ме привлече како никој и ништо друго во мојот живот" - е една од првите реченици, која може а и не мора да ве привлече како ништо што некогаш сте го прочитале.
Оригиналниот наслов на книгата бил „Подлабоко во тебе", но уредниците го смениле бидејќи некои од книжарите сметале дека „насловот е пресугестивен" (да, и?).
Откако минатата година се продаде во точно 82,759 примероци во Британија, таа го сруши рекордот на продажбата на 50 нијанси во првата недела, и сега е на трето место на оваа статистика, по "Casual Vacancy" (првиот роман кој не е за деца на Роулинг) и "The Lost symbol" на Ден Браун.
Коментарите од читателите на британскиот Амазон се крајно позитивни: „Читањето на Одразена во тебе е како емоционален тобоган: има и драма и јанѕа, има тајни и недоразбирања, има караници и казни но исто така има фин секс за помирување" - пишува една читателка, истакнувајќи еден од нејзините омилени цитати: „Повеќе би сакал да се расправам со тебе, ангелу. Јас сум зависен од тебе. Ти си сè што некогаш сакав или што ми беше потребно, сè за коешто сонував. Ти си ми се. Те дишам и те живеам. За тебе."
Како и секогаш, нас нè интересира само едно: ќе се земат ли децата на крајот на книгата?