Кога починал во 1984, Труман Капоти оставил зад себе роман на кого работел скоро две децении. „Услишани молитви“ е приказна за писател во подем кој си го пробива патот низ високото општество, а содржи еден куп трачеви и тајни на реални протагонисти. Капоти сметал дека тоа ќе биде неговото најбомбастично достигнување: „Имаш рачка, ороз, буренце и конечно куршум“, се фалел тој во интервјуа, со години најавувајќи го моментот на истрел.
Договорот за книгата бил потпишан во 1966, но поглавјата објавени во Есквајр девет години подоцна делувале под стандардите на неговите претходни романи, „Појадок кај Тифани“ и „Ладнокрвно убиство“ (за кого претходно пишувавме тука). И не само тоа, кога некои од спомнатите личности се препознале, го обвиниле Капоти за обелоденување на нивните најинтимни тајни и го шутнале од своите животи. Како што вели коментатор на Гардијан, Капоти не само што ја касал раката што го хранела - ја касапел до лакт.
Скандалот со „Услишани молитви“ е во центарот на The Capote Tapes, нов документарец кој вклучува архивски снимки на ТВ интервјуа на писателот, но и нови разговори со луѓе кои го познавале и обожавале. Сепак најфасцинантни ќе бидат претходно необјавени аудио снимки на пријател и современици на Капоти, направени за книгата на денес починатиот Џорџ Плимтон, под наслов „Труман Капоти: во која различни пријатели, непријатели, познаници и кодоши се сеќаваат на неговата турбулентна кариера“.
Во нив се слуша Лорин Бекол како го опишува контрастот помеѓу „тивкиот детски глас“ и „длабоката машкост на неговата смеа“. Норман Мејлер се восхитува на неговите книжевни таленти - „Тој ги пишуваше најдобрите реченици во нашата генерација“. Но некои од нив се сеќаваат и на еден негов поинаков талент - за поттикнување гласини. Токму ова му направило проблеми по објавувањето на делови од „Услишани молитви“. Но не му било прв пат - кога имал 9 или 10 години се пријавил на конкурс со есеј под наслов „Мис Бизибоди“ кој всушност бил за жена од соседството, кај која често престојувал, а која всушност била мајката на писателката Харпер Ли. И покрај тоа што семејството на Ли му се налутило, тој сепак ја добил наградата.
Режисерот на документарецот на оваа тема, Ебс Брнау, вели дека книгата, дури и недовршена, делува „сочно“, како куп трачеви објавени во жолтиот печат. Ова ќе биде негов дебитантски филм, а претходно работел како советник на поранешната прва дама, Мишел Обама. Неговата теорија е дека книгата е всушност завршена, но дека Капоти, кој во тој период веќе бил длабоко загазен во алкохолот и апчињата, едноставно ги забаталил крајните страници некаде. И дека тие кога-тогаш ќе искрснат.
Документарецот „Капоте тејпс“ ќе излезе задутре, 29 јануари