Истражувачите од Универзитетот Кардиф или нашле многу добра финта за да ги натерааат луѓето да носат маски, или навистина знаат за што зборуваат. Нивно неодамнешно истражување покажало дека мажите биле проценувани како поатрактивни кога маската им покривала половина од нивните лица. Иако истражувањето за жените допрва ќе следи, се очекува резултатите да бидат исти.
Дополнително, за инает на оние кои се обидуваат маската да им биде што по „фенси“ и креативна, тие откриле дека лицето покриено со обична заменлива хируршка маска (од оние синкавите) било оценето како најпривлечно.
Доктор Мајкл Луис од одделението за психологија на спомнатиот универзитет и експерт за лица, вели дека пред пандемијата податоците покажувале дека медицинските маски ЈА НАМАЛУВААТ привлечноста, бидејќи биле поврзувани со заразна болест на носителот. Но во светлина на она што се случуваше во последниве две години, тие одлучиле да ја повторат студијата и да тестираат дали односот кон маските се променил.
Резултатот е некако логичен - бидејќи хируршката маска ја поврзуваме со професионалците кои се грижат за нашето здравје, погледот кон личноста што ја носи нè теши и веднаш се чувствуваме попозитивно кон неа.
Првиот дел од истражувањето било спроведено во февруари 2021. 43 жени биле замолени да оценат на скала од 1-10 привлечност на машки лица без маска, додека носат обична платнена маска, сина медицинска маска и додека држат црна книга која го покрива долниот дел од лицето. Учесничките изјавиле дека оние кои носат платнена маска се многу попривлечни од оние без никаква маска или оние чие лице е покриено со книга. Но хируршката маска го правела нејзиниот носител уште позгоден.
Резултатите одат контра предпандемиското истражување и покажува дека таа ни ја има променето психологијата - сега веќе не мислиме ’тој е болен, дај да се држам понастрана од него’.
Ова се поврзува со еволутивната психологија и елементите врз кои ги бираме партнерите. Доказ за болест може да игра голема улога во таквата селекција, при што каков било знак на нездравост е голем минус. Сега сме сведоци на промена во оваа смисла, при што маските за лице веќе не се сигнал на контаминација, туку на обратното.
Истовремено, можно е привлечноста да е зголемена поради тоа што вниманието е насочено кон очите. Но и покривањето на десната односно левата страна на лицето во други студии правело луѓето да изгледаат поатрактивно, делумно поради тоа што мозокот ги пополнува празнините и го зголемува генералниот впечаток.
Резултатите се објавени во списанието Cognitive Research: Principles and Implications.