„Номадленд“ - играниот филм кој личи на документарец

Филмот на Клое Жао кој доби Златен лав во Венеција во 2020, и кој е номиниран во четири категории за Златен глобус (сигурно и понатаму за некој од Оскарите), можеби е фиктивна приказна. Тоа сeпак не значи дека тој не е вистина.

Главниот лик во „Номадленд“, Ферн, која ја игра прекрасната Франсис МекДорманд, е средовечна жена, вдовица и работничка. Таа по затворањето на фабрика за градежни материјали, во место иронично наречено Емпајр, одлучува да продаде сè и да живее во комбе. Иако не станува збор за реална животна приказна на конкретна жена, таа е базирана на книга со истото име на Џесика Брудер од 2017, со поднаслов „Преживувајќи ја Америка на 21 век“ - истражување на патувачката заедница на главно постари Американци од работничката класа, кои живеат во кампери и комбиња, прилагодени за да личат на постојани живеалишта. Брудер минала три години интервјуирајќи ги овие номадски Американци кои по Големата рецесија немале многу избор за тоа каде и како да живеат. Ферн можеби е фиктивен лик, но нејзината приказна е инспирирана од искуствата на голем број реални луѓе, а некои од нив во филмот се глумат самите себеси.

Всушност, во филмот има само двајца професионални актери - Мек Дорманд и Дејвид Стратерн. Во останатите улоги се појавува, на пример Боб Велс, американски „вандвелер“ (комбинација на зборовите за комбе - ван и станар - двелер), јутјубер и писател. Тој е познат како инспирација на илјадници луѓе кои се обидуваат да живеат минималистички и номадски живот, а еднаш годишно се собираат во Аризона. На својот јутјуб канал CheapRVliving тој вели дека наместо хипер-потрошувачка тој и неговите истомисленици поддржуваат „враќање кон нашите оригинални, вистински човечки корени на племенски номадизам“.

И други учесници во филмот се луѓе кои режисерката, која е истовремено и сценаристка на филмот, ги запознала во текот на четиримесечната продукција, кога таа и мала филмска екипа исто така патувале во комбиња и престојувале во мотели. Исто така, Жао ги консултирала актерите кои се играат самите себеси околу тоа како да бидат претставени. Оваа автентичност и хуманост на пристапот помогна филмот до сега да добие еден куп награди, а веројатно уште толку го очекуваат, на 1 март на Златните глобуси а потоа и на Оскарите.

22 февруари 2021 - 17:44